Во пресрет на Меѓународниот ден на Ромите – 8 април, ЦИВИЛ организира панел дискусија на тема: На „балот“ за човековите права на Ромите, која ќе се одржи на 6 април 2021 година, вторник, со почеток во 13 часот. Поради новите рестриктивни мерки на Владата за спречување и заштита од Ковид-19, дискусијата ќе се организира преку платформата Зум.
На дебатата ќе учествуваат Заменик-народен правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа, Елвис Мемети, советник за инклузија на Ромите во Владата на РСМ, Мабера Камбери, претставничка на МТСП, Тефик Махмут, граѓански активист и Рамуш Муарем – Цирко, новинар.
Ром(к)ите честопати се мета на најразлични предрасуди и осуди од општеството, истовремено заборавени од институциите и политичарите, кои се посетувани единствено во време на предизборието. Во фокусот на панел дискусијата, ЦИВИЛ повторно ќе праша – Кој ги тркала Ромите сите овие години наназад? Што е со сите (празни) ветувања? До кога ќе започнуваме процеси на нивна интеграција во општеството на кои крајот не им се гледа?
Панел дискусијата ќе биде пренесувана во живо на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, а содржините што ќе произлезат од панел дискусијата ќе бидат објавени на медиумската платформа на организацијата на македонски, албански и англиски јазик. Посебни видео прилози ќе бидат објавени и на YouTube каналот на ЦИВИЛ. Како и секогаш, редакциите со кои ЦИВИЛ има соработка се поканети да ги преземат сите медиумски содржини со соодветна атрибуција и линк.
Панел дискусијата ќе трае околу еден час. За време на дискусијата, тимот на ЦИВИЛ ќе ги следи реакциите и прашањата на социјалните мрежи и дел од нив ќе ги пренесе до учесниците во дискусијата.