На церемонијата за доделување на наградите на БАФТА (Британската академија за филмска и телевизиска уметност), што се одржа вечерва во Лондон без присуство на публика, поради епидемијата на коронавирусот, филмот „Nomadland“ на кинеската режисерка Клои Жао, освои најмногу награди, пренесуваат светските агенции.
Фаворити за оваа година беа „Normanland“ и „Rocks“, кои освоија најмногу номинации, по седум.
„Nomadland“ освои награди во категориите за најдобар филм, најдобар режисер, најдобра женска улога и камера.
Наградата за најдобар актер ја доби Ентони Хопкинс, за филмот „The Father“.
Данскиот филм „Another Round“ во режија на Томас Винтерберг, е избран за најдобар странски филм.
Наградата за најдобра режија ја доби Клои Жао за филмот „Nomadland“.
Девет награди беа доделени во саботата, а филмот „Ma Rainey“ со Вајола Дејвис и покојниот Чадвик Босеман освои награди за најдобри костуми, шминка и фризура.
Другите награди беа доделени на „Rocks“, драма за девојка на работ на зрелоста која се грижи за нејзиниот помлад брат, трилерот „Tenet“ и „Sound of Metal“, филм за тапанар кој оглувува.
Актерот Ноел Кларк ја доби наградата за извонреден придонес во британското кино.
Наградите БАФТА, како и наградите на Американското здружение на продуценти, Американското здружение на режисери и на „Златен глобус“, честопати се сигурни показатели за тоа кој би можел да го освои престижниот американски Оскар. Оваа година, Оскарите ќе се доделуваат на 25 април.
БАФТА е основана во 1947 година како Британска филмска академија.