Вкупно деветнаесет основни и средни училишта од целата држава ќе реализираат зелени проекти за зачувување и унапредување на животната средина и биодиверзитетот. Проектите се наградени во рамките на јавниот повик “Предизвик за млади истражувачи #4 – зелени проекти”, кој го спроведува Фонд за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование.
„Во овие проекти ќе бидат вклучени околу 150 ученици и 38 ментори а над 70% од наградените училишта се за прв пат поддржани од ФИТР. Особено ме гордее што таков пример се и ООУ „Григор Прличев“и ОЕМУЦ ,,Св.Наум Охридски” од Охрид кои аплицираа за прв пат и воедно се и прворангирани во двете категории.“, истакнува на денешната прес-конференција директорот на ФИТР, Коста Петров.
Тој нагласi дека за прв пат се наградени и училишта од Зрновци, Гевгелија, Валандово, Ресен и Шуто Оризари.
Вкупниот буџет обезбеден за јавниот повик изнесува три милиони денари, додека средствата предвидени за поединечен предлог проект изнесуваат максимум 200.000 денари. Наставниците кои ги предводат наградените тимови, за успешно спроведениот проект ќе добијат и награда во вкупен износ од 30.000 денари, која ќе можат да ја искористат за набавка на персонален компјутер, таблет, печатач или друг тип на дигитална опрема применлива во наставниот процес.
J. Ѓ.