Eстонија може да ни помогне не само во дигитализацијата и е-управувањето, туку и во транспарентноста и борбата против корупцијата. Се чини дека и коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ не веруваат во основањето влада предводена од нив. Секој ден има се повеќе и повеќе попишани граѓани и министерот Маричиќ е задоволен од пописот. Дали вирусот почна да се шири во училиштата и каква е состојбата? Каква е иднината на мутирањето на коронавирусот?
ПОЛИТИКА, ПОПИС И ЕКОНОМИЈА
Естонија покрај политичката поддршка која и ја дава на Северна Македомнија, навистина може да биде од помош за евроинтеграцијата на земјава со споделување на поширокото искуство во реформите не само во дигитализацијата и е-управувањето, туку и во транспарентноста и борбата против корупцијата, вели амбасадорката на Естонија Кристи Карелсон.
Кандидатот за градоначалник на општина Карпош од редовите на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, во гостувањето во емисијата на новинарот Васко Ефтов, изгледаше песимистично за основање на нова влада предводена од Христијан Мицкоски.
Односот со Бугарија се измести отако таа го прекрши членот 2 од Договорот за добрососедство, којшто зборува дека Софија ќе ни помага на европскиот пат, нема да ни одмага, најмалку пак ќе не блокира. Ние доживеавме две вета и проблематизирање на нашиот јазик. Нема напредок во атмосфера на уцена. Потребна е заемна доверба и почит за напредок во дијалогот за сите прашања, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Министерот за правда Бојан Маричиќ во своето гостување на ТВ24 кажа дека до крајот на следната недела успешно ќе финишира попишувањето на населението. Според него, добро е што апелите за бојкот не наидоа на поддршка кај граѓаните, кои се свесни за значењето на оваа голема статистичка операција.
Во 2013 потрошувачката кошница чинела над 4 минимални плати, сега се покрива со 2,25 минимални плати, истакна Ковачевски запрашан за состојбата со животниот стандард и критиките на опозицијата дека тој паѓа.
Заклучно до денеска до 12:00 часот попишани се вкупно 1.395.000 граѓани, над 435.000 домакинства и над 600.000 станови. До денеска заклучно до 12:00 часот се самопопишани 195.477 граѓани од дијаспората, информираше на денешната прес-конференција портпаролот на Владата Муамет Хоџа.
СКАНДАЛИ
На денешното потпишување на Кодексот за фер избори што се одржа во просториите на Град Скопје се случи инцидент по обраќањето пред новинарите на независната кандидатка за градоначалник Данела Арсовска. Новинарот Ивановски се обиде да добие одговор на своите прашања, но беше грубо истуркан од телохранителите на Арсовска.
ПАНДЕМИЈА
Во три штипски училишта има локална трансмисија на коронавирусот, денеска потврди директорката на Центарот за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова. Станува збор за едно средно и две основни училишта. Според денешните податоци позитивни на коронавирусот во училишатата се 32 ученици, а над 80 се во изолација.
РЕПУБЛИКА И СВЕТ
Германскиот магазин „Велт“ објави репортажа посветена на убавините на Преспанското Езеро и незаборавното искуство да се престојува во природа, во изолација и да се набљудуваат пеликани, прици кои речиси и да не можат да се видат на друго место освен во пределите и националните паркови во Преспанскиот регион.
Ковид-19 веројатно нема да мутира во многу посмртоносни варијанти, бидејќи едноставно нема „каде да оди“, вели истакната научничка која била вклучена во создавање на вакцината за Оксфорд произведена од „АстраЗенека“, пишува „Телеграф“.
ЗАНИМЛИВОСТИ
Луѓето се издвојуваат по способноста да ги предвидуваат идните резултати од сегашните дејствија. Тоа е една од еволутивните карактеристики што ни помогна да напредуваме. Но, понекогаш во трката до посакувана цел, флагрантно ги игнорираме негативните можни исходи од нашите постапки, дури и кога во ретроспектива тие требаше да бидат сосема очигледни. Зошто Михаил Калашников жали за создавањето на АК-47?
АХА
Извори од белата палата на вмровците, за АХА, јавуваат за телефонски разговор помеѓу Мицкоски и Груевски, два дена после официјалната посета на Мицко кај Грујо во Будимпешта.
Мицко: Ало, шефе?!
Грујо: Што е сега Мицко, пак ти се иде во Будимпешта? Нели се видовме пред некој ден…
М. М.