Раперот Марко Слаткар, јавно се изјасни дека на овие локални избори поддршката ќе ја даде на Александар Филиповски-Цанде, кандидатот за градоначалник на Аеродром од СДСМ.
Слаткар во емисијата „Лазаров Шоу“, одговарајќи на прашање за кого ќе гласа на овие избори, вели дека ќе гласа за Цанде зашто го знае цел живот и нагласува дека сите маалски ликови од Аеродром ќе гласаат за него.
„Па јас сум маалски човек и ќе гласам за Цанде зашто го знам цел живот. Овде е од мал и е баш онаков како што викаме „локал патриот“. Цел живот, не е од сега. Мислам дека сите маалски ликови ќе гласаат за него“, вели популарниот рапер Слаткар.
Александар Филиповски-Цанде, преку објава на Фејсбук му се заблагодари на Слаткар за поддршката, со ветување дека ќе остане „на земја“, и ќе продолжи да биде онаков како што го знаат.
„Јас го сакам тоа што го правам, за Аеродром, за #НашеМаало, за подобар живот на сите нас.
Марко, Слаткаристика, фала ти за искрената поддршка.
Ветувам дека ќе останам „на земја“ и ќе продолжам да бидам баш каков што ме знаете сите.“, вели Цанде.
Ј. Ѓорѓиоски