Дали се работи за гаф, недоволно познавање на македонскиот јазик или за избивање на потсвеста кај Мицкоски, но тој на ТВ 21 вечерва јасно кажа: „Ние ги потценуваме граѓаните!“
Веројатно се работи за сите три заедно. Слоганот на партијата на Мицкоски на локалните избори е „Создади нова иднина“ што предизвика многу смеа и подбив. Освен сеирџиите со многу потсмев, излегоа и лингвистите, со поука: Заповеден начин од глаголот создаде е создај/создајте, како во случаите со додај/додајте, предај/предајте.
И ова не е единствен пример за оскудно познавање на македонскиот јазик кај голем дел од политичарите. Со голем број јазични „бисери“ посебно се истакнуваат десничарите, големите „патриоти“ кои не се воздржуваат од пеење песни за гасни комори и слични изрази на „херојство“.
Очигледно, непознавањето на јазикот им е својствено на „патриотите“.
Потсвеста на Мицкоски премногу често му избива на површината. Така, во едно претходно ТВ шоу тој кажа: „Ние сме на браникот на криминалот“.
Најновиот „бисер“ на Мицкоски се „стркала“ на дебатата во ТВ 21 кога ја кажа вистината за себе и за својата партија – дека ги потценуваат граѓаните! Не мора да ја убедува јавноста во тоа. И оние со најкратко паметење, добро се сеќаваат колку режимот, чиј дел беше самиот Мицкоски, ги потценува граѓаните.
Д. Е.
Оваа содржина е коментар и личен став на Авторката.