РИБАРО
Во белата палата на вмровците радости и веселби, јавува репортерот на АХА. Поголема група на свирачи се собрале пред велелепните порти на вмровското седиште и чекале да се симнат фиљан вмровците и да слават до премаленост. Во меѓувреме пристигнал и Мицкоски. И, ете ти беља работа.
– Шо славите бе угурсузи?
– Шефе, алал да ти е 64 ги собра?!
– Што зборуваш бе абдал, што 64?
– Па нели 64 пратеници собравме, пошто победивме на локалните, па Беса, па природно е да имаме ново парламентарно мнозинство?
– Е па природно би било кога би бил оној Заев во таква позиција, ама ние го кркавме калабастерот. Пак не изигра копиљакот. Тој собра минимум 64 пратеници и тоа пази ваму, во оставка е човекот. Сите знаат дека тој нема да биде Премиер и пак успеа.
– Аман бе?! Ставрески шо вика, нели учен човек, за тоа си го вративме?
– Ништо, зинува. Ене го Ставре нè демни. Вели Грујо – или играј како шо ти кажувам, или нема папо. Аш парината. Ќе секнат и за потплаќање на медиуми и за алашвереш.
– Ами оној полковникот што го форсираш во последно време, шо е пратеник сега? Што ум дава?
– Па нели гледаш дека човекот си има проблем со себеси. Останал затворен во некои мрачни времиња – тренира режим од позиција на опозиција абдалот, бетер од Наум е. Си ја зедов бељата со него.
– А ти, шефе?
– Што јас бе несреќо? Да освоиш онолку општини, да им собериш пред нос коалициски партнер и пак да не можеш да составиш Влада. Уствари не само тоа, туку и да им зголемиш парламентарно мнозинство за најмалку + три пратеници. Што да правам – да го прогласам Гаши за киднапиран? Еве, ти кажи, што јас? Што јаден јас можам да правам?!
Туку ајде запни ги клукајдрвците на Фејсбук, нека мантраат: аааа Филипче го даде, аааа многу министерства, аааа кисело грозјето, аааа… нека нè држат во живот колку-толку дури не смисли шефот од Будимпешта како понатака.
И разбркај ги она свирачине од пред капија, да не се брукаме.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK