Словенечката телевизија 24 часа, со прилог за именувањето на улица во Берово, во чест на прерано загинатиот словенечки пожарникар Жан Кофол.
Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, во изјава за Фронтлајн, вели дека неговата иницијатива за преименување на улица „20” во населбата Ширината, во улица „Жан Кофол”, едногласно е изгласана од Советниците, на третата Седницата на Совет на Општина Берово.
Советот едногласно даде согласност за преименување на улицата. Постапката продолжува со мислење од Владата согласно Закон за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, изјави Пекевски.
Тој нагласува дека иницијативата ја поднел за постхумно одликување, по името на овој хуман херој, кој загина во сообраќајна несреќа, а кој даде свој придонес во гаснењето на пожарите кои беснееја во Малешевијата.
„Сметам дека именувањето на улицата, ќе значи за семејството на прерано загинатиот пожарникар, а од друга страна, ние како општина постхумно ќе искажеме признание и благодарност за поддршката која што ја даде Кофол за Берово и Малешевијата. Почит треба да биде искажана на оние кои ја заслужиле!“, нагласува Пекевски.
Младиот словенечки пожарникар Жан Кофол, го загуби животот во сообраќајна несреќа во близината на Нова Горица, на 28 септември, еден ден пред неговиот 20-ти роденден.
Тој беше меѓу најмладите доброволци кои пристигнаа од Словенија и со денови учествуваше во гасењето на огнената стихија во околината на Берово и Пехчево.
Ј. Ѓорѓиоски