РИБАРО
Апелацискиот суд објавил тендер за избор на најудобен автомобилски гепек во кој би се сместил Сашо Мијалков за да стигне до неговата сакана дестинација, дознава АХА. Критериумите не се засноваат на најниска понуда, туку на принципи по мерка на бате Саше: луксуз, комфор, брз интернет, мини бар со пијалоци, хумидор за пури и телевизорче како што беше она на М.
Ова било решено на дополнителната седница на Апелација откако претходно ја прифатија гаранцијата од 11.106.501 евра понудена од Мијалков, за да излезе од притвор и се брани од слобода.
– Не може да го оставиме така на пола пат човекот. Мора трајно да го обезбедиме неговиот комодитет, зашто едноставно, тој така е навикнат. Веќе премногу го измалтретиравме. Имајте бре, малку жал, велат од Апелација за АХА!
На нашето прашање – како ја коментираат изјавата на СДСМ кои истакнаа дека оваа одлука на судот е скандалозна и на министерот за правда Маричиќ кој рече дека одлуката да се пушти од притвор Сашо Мијалков ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите, од Апелација низ смеа кратко одговорија:
– За која доверба говорите?!
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK