пишува: БИЛЈАНА АРСОВСКА
„Во длабоките води, се среќавате само со мудрите и храбрите. Во плитки води, со неуките и кукавиците!“ ― Мехмет Мурат Илдан
Ние луѓето сме движечки противречности. Непредвидливи, ненаситни, љубопитни, емотивни… можам да продолжам со набројување до недоглед и пак ќе пропуштам некоја особина. Ете, до толку сме комплицирани. Секој период од човековото битисување на планетава со себе носи одредени новости, конвенционално прифатени убедувања, трендови и белези кои за наредните генерации остануваат како историја на одредено време.
Кога би добила задача да напишам текст за првите дваесетина години од 21 век, веројатно секој испишан ред би го искористила за насочување на дијалогот и вниманието онаму каде што треба да биде: за иднината на нашата планета, како ги консумираме вестите и социјалните медиуми и нашите односи односно меѓучовечки врски.
21-от век му ја даде на писателот и режисер Адам Мекеј сета муниција што му е потребна за да го создаде филмот „Don’t look up“ – сатира за луѓето на власт кои ноншалантно се шеткаат од фотеља до фотеља додека на светот му се заканува куршлус. Со овој филм, во кој глумците (Леонардо ди Каприо, Џенифер Лоренс, Мерил Стрип, Кејт Бланшет, итн.) на пародичен начин го претставуваат она што нѝ се случува, може да се поистоветуваме и ние, и секоја друга политичко-правна суверена општествена заедница (а не само САД. Шокантно!).
Однапред се извинувам за откривање на делови од филмот, ама посилно од мене е. Накратко, на претседателот на САД му соопштуваат дека за отприлика 6 месеци земјата ќе ја погоди комета којашто ќе претставува крај за оваа планета. Сите ќе умреме. Претседателот одбива да се позанимава со ова бидејќи е лош тајминг – се ближат избори и не може да си дозволи да изгуби некој глас. Во меѓувреме, научниците коишто ја откриваат кометата, на секој можен начин пробуваат да допрат до јавноста и да ги предупредат сите – дека доколку не се уништи кометата, истата ќе нè уништи нас. Медиумите ова откритие го прикажуваат како доста помалку релевантно од тоа дека некојаси славна личност (Ариана Гранде) раскинала со своето момче. Кометата не привлекува ни осмина од вниманието и публицитетот кој го достигнува трачот за љубовната фарса на јавната личност. И тоа е сè што треба да знаете за политиката и медиумите/публиката во ова време-невреме.
Анализирајќи го филмот, се присетив на тоа што ми се случи истиот тој ден кога бев на прва контрола после операцијата. Заминувавме од болницата. Татко ми, ми помогна да стигнам до колата. Сè уште се движам со патерици. До нас застана избезумена мајка со дете во инвалидска количка. Детето имало напад и беше во лоша состојба. Татко ми им помогна да ја кренат количката по скалите, до влезот. Додека стоев покрај колата и сочувствував со болката на овие луѓе, истовремено самата трпејќи пост-оперативни болки, пред болницата се појави девојка којашто подоцна моите добро информирани другарки ја препознаа како ‘инфлуенсерка што самата си има дадено уметничко име како да е британска писателка’. Ја приметив затоа што во сета мака, пред моите очи некој почна да се смее гласно и да извикува ‘ај сликај ме овде, убава е позадината’. Игнорирајќи ги сите оние кои позади тие убави ѕидови на таа убава болница со убава фасада, се молат за здравје. Се грижат како ќе ја платат скапата операција. Се прашуваат каде ли згрешиле. Таа, со огромна црно-бела, Круела Девил бунда, се сликна пред болницата и влезе да си направи некој од новите лифтинг третмани за којшто нема да плати затоа што… инфлуенсер. Таа има 50.000 следачи и добива внимание и почит како горенаведената славна личност од филмот, додека оние на коишто навистина им треба помош остануваат ниту видени, ниту чуени. Тоа се нашите моќни медиуми.
Нема да бидам нефер и ќе оставам сами да го дознаете крајот на овој филм кој топло ви препорачувам да го изгледате. Толку е тажно, што станува смешно. Иронично е… до каде оди човековата алчност, потчинетоста и инфериорноста кон технологијата, игнорантноста за алармантните појави и проблеми, идеализирањето на оние кои својот публицитет го достигнале преку купување многу облека и објавување многу слики…
Можеби овој свет е пеколот на некоја друга планета. Како и да е, кога веќе сме тука, да пробаме колку-толку да ги преработиме неправдите низ менталниот дигестивен систем.
Гледајте нагоре! Затоа што ако дојде до тоа влијателните да нè советуваат да замижиме и да ја спуштиме главата, тоа може да значи само едно; Лошо нѝ се пишува.
Текстот е личен став на Авторката. Сите права се задржани.