Премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ ја прифати поканата на украинскиот претседател Володимир Зеленски да го посети Киев, соопштија вчера од кабинетот на премиерот, пренесува ТВ21.
Зеленски во телефонскиот разговор во четвртокот го покани Абазовиќ да го посети Киев.
„Како што најави, Абазовиќ ќе ја покрене идејата за заедничка посета на Киев на премиерите од Западен Балкан, особено од земјите на НАТО во регионот, со цел да се испрати посилна и поуникатна порака за поддршка на суверенитетот и интегритетот на Украина“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.
Според црногорски „Вијести“, премиерите на Албанија и на Северна Македонија, Еди Рама и Димитар Ковачевски, ја прифатиле идејата на Абазовиќ и останува да се договори датум.
Во разговор со Зеленски, Абазовиќ посочил дека Црна Гора од самиот почеток давала отворена поддршка за независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
„Европските вредности на слобода и правото на сопствен избор денес се бранат надвор од границите на Европската унија и дека Црна Гора целосно го поддржува ставот на Европската унија кон руската инвазија на Украина“, се вели во соопштението.
Абазовиќ рече и дека се надева оти Украина ќе добие статус на кандидат за влез во ЕУ, а Црна Гора како лидер во преговарачкиот процес е подготвена да ја даде потребната експертска и политичка помош.
Во телефонскиот разговор со Зеленски, црногорскиот премиер информирал за бројот на украинските бегалци што ги прими Црна Гора и изјави дека станува збор за два отсто од населението.