Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров денеска имаа средба од координативен карактер со директорот на Светскиот конгрес за гранична безбедност, Нил Вокер на која беше разговарано околу подготовките за одржување на Светскиот конгрес за гранично интегрирано управување што во април следната година ќе се одржи во Скопје.
На средбата, министерот Спасовски истакна дека организацијата на ваков конгрес претставува голема чест за Република Северна Македонија.
-Имајќи во предвид дека во денешно време границите во ЕУ кај нас со проектот Отворен Балкан овозможуваат слободно движење на стоки и услуги, одредени криминални структури го злоупотребуваат ваквиот момент, интегрираното гранично управување кое опфаќа координација со домашните институции, но и меѓународната соработка претставува вистински одговор на ваквите девијантни појави, рече Спасовски.
Координацијата меѓу надлежните институции со брза размена на информации, додаде Спасовски, кај нас дава солидни практични резултати поради што Националниот координативен центар за гранично управување ја има целосната поддршка во натамошното кадровско и техничко доосовременување притоа следејќи ги најновите технички достигнувања.
Националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров потенцираше дека организацијата на овој конгрес е идеална можност да се разменат искуства со останатите земји учеснички со што ќе бидат осознаени проблемите и ќе се изнајдат решенија за нивно надминување.
Како што соопшти МВР, директорот Нил Вокер на средбата истакнал дека организацијата на овој конгрес е одлична можност за поставување на Република Северна Македонија на мапата на земји со исклучително искуство во граничното управување и запознавање на сите делегации со начините на решавање на сите проблеми со кои се соочуваме во областа на граничното управување./МИА/