Oрганизацискатa единица на ЦИВИЛ – Зелен Цивил, организира панел дискусија на тема „Отпад, регулација на отпад, состојби и решенија“, што ќе се одржи утре, четврток, со почеток во 13:30 часот во прес центарот на ЦИВИЛ во Бизнис центар „Палома Бјанка“.
Учесници на панелот, како што известуваат организаторите, ќе бидат заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска и Георги Клинчаревски и Анета Минчева, од Одделението за урбанизам и заштита на животна средина во Општина Шуто Оризари. Модераторка на панелот ќе биде Биљана Јордановска.
Кои закони го регулираат отпадот, како тоа се применува во пракса, постои ли култура на рециклирање, колку јавната свест кај граѓаните одат во прилог кон одржување на чиста животна средина и простор на живеење, каква е состојбата на национално и на локално ниво и кои се можните решенија за надминување на постоечките и потецијалните проблеми со отпадот, се теми на кои ќе зборуваатр учесниците.
Настанот ќе ќе се пренесува во живо, на Фејсбук страницата на Зелен ЦИВИЛ и видео каналот на Јутуб на ЦИВИЛ.
Панел дискусијата е дел од „Зелена читанка“ – Проект за развој на ресурси засновани на факти за подобрување на знаењето и јакнење на јавната свест за зелените вредности, теми, политики и перспективи, што ЦИВИЛ го спроведува во сорабтока со Фондацијата Хајнрих Бел.
Извор: Green Civil