Северна Македонија ја потврди својата европска перспектива и направи историски чекор со отворањето на пристапните преговори со Европската Унија, во објава на Фејсбук, истакнува вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Тој издвојува дека денешниот практичен почеток на првата фаза од преговорите го поздрави и главниот советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Симон Морду.
„На денешната средба со Морду потврдивме дека сега е најважно да останеме фокусирани на целиот овој процес за успешно и навремено завршување на билатералниот скрининг. Разговаравме и за политичките случувања кај нас и во регионот, по што се согласивме дека мора да постои консензус и обединување околу европската интеграција и иднината на државата“, вели Маричиќ.
Нагласува дека пред нас е динамичен период, важен за граѓаните и државата, кој бара ангажман и посветеност на целото општество.
„Имаме капацитет и политичка волја да ја интензивираме реформската агенда и успешно да го заокружиме преговарачкиот процес. Граѓаните сакаат и заслужуваат да живеат во европска Северна Македонија“, потенцира Маричиќ.