Најмалку 19 лица загинаа, а десетици се ранети во самоубиствен напад врз едукативен центар во авганистанската престолнина Кабул, соопшти полицијата, пренесува МИА.
Сè уште никој не ја презеде одговорноста за нападот, но многу од жителите на областа каде што се случи експлозијата се Хазари, етничко малцинство кое беше цел на претходни напади од терористичката организација Исламска држава.
Портпаролот на полицијата во Кабул објави и дека во нападот се повредени 27 лица и дека се случил во образовниот центар каде се одржувал приемен испит.
Училиштата во Авганистан обично се затворени во петок.
„Нападот врз цивилни цели ја докажува непријателската нечовечка суровост и недостиг на морални стандарди“, изјави портпаролот на полицијата.
Тој додаде дека безбедносните сили пристигнале во областа и дека истрагата е во тек.
Повеќето од жртвите на самоубиствениот бомбашки напад во Кабул се девојчиња, пренесоа западните агенции, повикувајќи се на изјави на очевидци.
Бројот на напади во Авганистан се намали откако талибанците ја презедоа власта во август 2021 година, но безбедносната ситуација се влоши во последните месеци.
Образованието е чувствително прашање во Авганистан, бидејќи талибанците се противат девојчињата да одат во средни училишта. И Исламска држава се противи на образованието на жените и девојчињата.