Во својата реакција на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ во кое тие „откриваат“ афера што ја нарекоа „броило“, СДСМ излезе со соопштение во кое целосно ги демантира наводите на опозициската партија.
„Докажаниот криминалец Христијан Мицкоски е фатен со рацете во медот за тендер и провизии од 136 милиони евра, додека Димитар Ковачевски чесно работи за граѓаните. Затоа ВМРО-ДПМНЕ очајно фабрикува лаги за претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски“ – се вели во краткото соопштение на СДСМ денеска.
Според СДСМ, ниту една фабрикувана лага на ВМРО-ДПМНЕ не може да го покрие фактот дека Ковачевски не е дел од сопственичката структура на компанијата Пиксел Гроуп и не е сопственик. Сите податоци за повлекувањето на Ковачевски уште на 28.09.2020 година се јавно објавени и достапни.
„Дека станува збор за класична фабрикувана лага на ВМРО-ДПМНЕ се гледа од тоа што споменуваат државна помош за компаниите, којашто се однесува на сите компании кои исполниле услови. Наместо афера ДПМНЕ денеска пласираше издишан балон. На многу наивен и лош начин Мицкоски покажува колку се плаши од чесниот Ковачевски кој вредно работи за граѓаните. Особено откако Ковачевски го порази Мицкоски на првото изборно соочување, на предвремените локални избори“ – велат од СДСМ.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ, организираа прес конференција со помпезни најави дека „откриле афера“ и на која пратеникот од оваа партија, Лефков изјави дека „аферата БРОИЛО е шема која покажува како Димитар Ковачевски и неговиот кум здружени во Соларен Картел свртеле 26 милиони евра“. СДСМ во краткото, но остро соопштение ги собори наводите на ВМРО-ДПМНЕ.
Д. Е.