Во Скопје, изминатава недела престојуваше уметнички караван во рамките на проектот „Некои нѐ нарекуваат Балкан“ (НННБ). Караванот го сочинуваат осуммина уметници од земјите кои учествуваат во проектот, како и мал продукциски тим. Во соработка со локалните партнерски организации, караванот се движи низ Сараево, Белград, Скопје, Приштина, Тирана и Јанина по тој редослед.
НННБ е проект за дискурзивно, уметничко реобмислување, здружено создавање и размена. Уметниците кои учествуваат во него потекнуваат од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Италија и Грција. Проектот е поддржан од програмата на Креативна Европа, а го реализираат организации од регионот во соработка со организации од Германија и Италија.
Патувачкиот караван е осмислен како дискурзивна уметничка програма чиј фокус не е само на индивидуалното создавање, туку и на рефлектирање, внимавање и негување на критичките позиции. Уметниците, заедно со продукцискиот тим и локалните партнерски организации, се посветени на наоѓање на нови начини на гледање и разбирање на сопствените уметнички практики и локалитетите каде престојуваат. Тие трагаат по сите видливи и невидливи димензии, истории и наративи кои го обликуваат овој регион. Програмата во секој од градовите е водена од прашањето „Кога би можел/а да одберам, каде би бил/а?“. Кураторка на програмата е Кумјана Новакова од Скопје, воедно и соосновачка и директорка на Pravo Ljudski филмскиот фестивал.
Во Скопје уметниците престојуваа од 28 септември до 2 октомври. Во текот на нивниот престој се сретнаа со локални културни дејци, уметници и теоретичари како Мери Батакоја, Христина Иваноска, Ивана Драгшиќ и Јана Коцевска, а ги посетија и Музејот на современата уметност и Националната Галерија. Нивната програма се реализираше во соработка со социјалното претпријатие и отворен простор „Комитет“, а локалната партнерска организација е Платформата за граѓанско учество низ културни и уметнички пракси Социопач. Фокусот на програмата беше на истражување на мисловниот простор што го создава односот помеѓу минатото и иднината присутен во јавниот простор во нашиот град.
Патувањето може да се следи на социјалните мрежи на проектот Some call us Balkans, вклучувајќи ги Instagram и Facebook.