Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) ќе мора да направи сериозни намалувања доколку наскоро не добие дополнителни финансиски средства, изјави денеска нејзиниот шеф Филипо Гранди.
Тој посочи дека во моментов се неопходни најмалку 700 милиони долари, особено за операции кои најмногу се финансираат, пренесува Ројтерс.
Во спротивно, ќе бидеме принудени да направиме кратења со негативни, а понекогаш и драматични последици за бегалците, истакна Гранди.
Се додава дека поради војната во Украина милиони луѓе побегнале, па сега во светот има повеќе од 100 милиони присилно раселени лица, што заедно со тековната криза во Авганистан, поплавите во Пакистан и насилството во Камерун, предизвикаа зголемување на буџетот на УНХЦР на рекордни 11 милијарди долари.
Со жалење ве информирам дека првпат за време на мојот мандат сум загрижен за финансиската состојба на УНХЦР, нагласи високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди во говорот пред претставниците на земјите-членки во Женева, откако минатиот месец беше повторно назначен за шеф на агенцијата.
Нагласено е дека САД се убедливо најголемиот донатор на агенцијата, со придонес од над две милијарди долари оваа година.
Сега 12 програми на агенцијата се финансираат со 50 проценти или помалку од досегашните буџети, рече Гранди.
Запрашан кој од нив би можел да биде прекинат, тој изрази особена загриженост за делови од Блискиот Исток, вклучувајќи ги Јемен и Етиопија.
Се плашиме дека последиците од овие намалувања ќе бидат далекусежни – од зголемување на стапката на неухранетост, до растечки ризици од зголемување на родовото насилство, детски бракови, трудова експлоатација, зголемени тензии и немири во локалните заедници поради недостиг на ресурси, објасни Гранди.







