Украинскиот оператор на нуклеарната централа Запорижја соопшти дека руските сили се одговорни за синоќешното и денешното гранатирање, објави Ројтерс, а пренесе хрватски Индекс.
Нуклеарната компанија Енергоатом соопшти дека имало најмалку 12 напади врз инфраструктурните објекти на нуклеарката.
Компанијата на каналот Телеграм го соопшти списокот со оштетена опрема, што покажува дека напаѓачите „ја таргетирале и ја оневозможиле самата инфраструктура која била потребна за да се рестартираат блоковите 5 и 6“ и да го обнови производството на електрична енергија за потребите на земјата.
Претходно, Ренат Карча, советник во рускиот оператор за нуклеарна енергија Росенергоатом, изјави дека 15 гранати биле истрелани од Украина врз објектите на централата, но не се откриени радиоактивни емисии.
Според Ројтерс, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) потврди дека „силни експлозии синоќа и денеска ја потресоа областа на нуклеарната централа Запорижја“.
Експертите на МААЕ во Запорижја известуваат за десетина и повеќе експлозии од очигледно гранатирање. Оштетени се некои згради, системи и опрема на локацијата, но ниту една досега не е критична за нуклеарната безбедност и сигурност, соопшти МААЕ.
Директорот на МААЕ Рафаел Гроси повика гранатирањето веднаш да престане.
„Кој и да стои зад ова, мора веднаш да престане. Како што реков многу пати досега, си играте со оган!“ – нагласи Гроси.
Тој го повтори својот апел до двете страни во конфликтот да се договорат и што е можно поскоро да создадат зона за нуклеарна безбедност и сигурност околу Запорижја. Во последните месеци тој се вклучи во интензивни консултации со Украина и Русија за формирање на таква зона, но засега нема договор.
„Не се откажувам се додека оваа зона не стане реалност. Како што покажува тековното очигледно гранатирање, тоа е потребно повеќе од кога било“ – истакна Гроси.
Т. Г.