Пишува: ЗОРАН БОЈАРОВСКИ
На крајот на годината 2022 станаа реалност предупредувањата на аналитичарите дека Западен Балкан е мапиран како особено подложен на влијанијата на дезинформациите и дека регионот станува бојно поле на информациската војна[i].
Една друга анализа „Руските стратешки интереси и алатки за влијание на Западен Балкан“ (Russia’s Strategic Interests and Tools of Influence in the Western Balkans)[ii] на Центарот за извонредност на стратешките комуникации на НАТО ги идентификува изворите и мотивите, и ги посочува слабите точки на земјите во регионот кои ги прават „лесна цел“ во информациската војна којашто од почетокот на воената агресија во Украина се одвива паралелно интензивно и на другите простори од геостратешки интерес на Кремљ.
Како што наведува студијата, главната цел на Русија на Западен Балкан не е да го ревидира актуелниот статус на земјите во регионот, туку да го замрзне и со таа состојба да го спречи ширењето на НАТО и да го забави, одложи или целосно запре проширувањето на ЕУ.
Оттаму набргу после почетокот на војната во Украина се интензивираа дебатите за колку што е можно побрза формална или суштинска интеграција во ЕУ и НАТО, со што Западен Балкан конечно ќе биде ставен под безбедносното крило на овие сојузи, и со тоа ќе се создадат услови за да се аплицираат стандардите за заштита и сигурност како од традиционалните, така и од хибридните закани и ризиците од дезинформациите.
Лицето на заканата – дезинформациите во Македонија
Но, како се случи земјите во регионот да го дозволат упадот на руската мечка во кршливиот информативен простор?
Нема никакво сомневање дека Западен Балкан е интегриран со западните демократии, согласно вредностите што ги прифати, застапува и спроведува. Но, нецелосната или незавршената демократска консолидација во рамките на секоја земја од регионот одделно, ги прават ранливи и подложни на информациски влијанија.
Москва има корист од внатрешните проблеми во регионот, од отворените спорови меѓу одделни држави кои датираат од војната во 90-тите, од односот „гордост и предрасуди“ со Западот кој емотивно се движи во дијапазонот од љубов до омраза, од слабите институции, од нискиот степен на владеење на правото, од општиот недостаток на транспарентност и отчетност, како и од нискиот степен применети професионални стандарди во медиумите, кои се покажаа како особено нерезистентни на дезинформациите. Особено и понагласено ова се однесува на интернет порталите.
Дезинформацијата е вирус во информативниот простор што има за цел да предизвика нарушување на општествениот систем или на важни таргетирани делови од него. Тоа значи дека дезинформациите се информациско безредие за да се предизвика општествено безредие.
Делувањето на дезинформациите претставува безбедносна закана за демократското опкружување со наметнување на поларизација на политичкиот дијалог и дебата, со создавање на непропустливи информациски меури кои си се доволни сами за себе и одбиваат секаква меѓусебна комуникација. Со дополнителна радикализација на информациските содржини сите овие дејствија предизвикуваат ранливост на општественото ткиво кое станува подложно на асиметрични напади со злонамерни информациски кампањи.
Кога станува збор за Северна Македонија, Институтот за медиуми и аналитика ИМА во своето сеопфатно истражување објавено во публикацијата „’Францускиот предлог’: говор на омраза, дезинформации, медиумски манипулации“[iii], укажа дека пропагандните центри, домашните и оние во странство на Исток, имаат идентификувано 4 столбови, на кои се потпира и на кои функционира македонското општество. Тоа се меѓуетничките односи; соседските односи; врските со ЕУ и НАТО и критичните политички процеси поврзани со иднината и развојот на земјата – по правило изборните процеси.
Токму тие се целите на пропагандата со говор на омраза и дезинформации.
Како се таргетирани овие цели најдобро илустрира деканката на Правниот факултет при универзитетот „Визион“ Весна Поповска, која во интервју за Цивил Медиа[iv] вели дека „целта на пропагандата и дезинформациите е со неиспукан куршум да се сруши целото општество“.
Поповска истакнува дека „идејата на пропагандата и дезинформациите е практично да ги еродира демократските вредности и либералните теми во која се поставени општествата“ и дека затоа „не смееме да се повлечеме и не смееме да се откажеме. Мора да не застанеме тука, да преземеме и како држава и како НАТО членка и како кандидат за ЕУ малку по стратешки пристап во справувањето со дезинформациите“.
„Таа битка не знам дали ќе ја добиеме, но не смееме да потклекнеме во обидувањето да се соочиме со проблемот, затоа што ако се повлечеме веќе сме ја изгубиле битката“, порачува Попоска во ова интервју кое е реализирано во рамките на проектот „Отпорно новинарство во борба против дезинформациите и пропагандата“, што Цивил го спроведува во партнерство со Youth4Media (Y4M), со поддршка од Владата на Северна Рајна-Вестфалија, Дизелдорф, Германија.
Нема „сребрен куршум“ за справување со дезинформациите, неопходен е сеопфатен и системски пристап
Проектот „Отпорно новинарство во борба против дезинформациите и пропагандата“ на ЦИВИЛ – Центарот за слобода е еден од повеќето активни што се спроведуваат во Северна Македонија. Заедно со Институтот за комуникациски студии, Македонскиот институт за медиуми, Фондацијата Метаморфозис, Институтот за медиуми и аналитика ИМА, Граѓанската асоцијација МОСТ, БИРН и Призма, спаѓаат меѓу најактивните тинк-тенк и граѓански организации кои континуирано и системски спроведуваат проекти за разобличување на дезинформациите, на проверка на факти и на едукација за препознавање и справување со дезинформациите.
Како дел од овие проекти, во завршницата на годината беа организирани и неколку конференции посветени на различни аспекти на заканите од дезинформациите, како и од хибридните закани кои, паралелно со злонамерната информациска кампања, ја таргетираат општествената инфраструктура, односно институциите. Една од таквите хибридни закани е серијата анонимни дојави за подметнати експлозивни направи во образованите институции и во други комплексни јавни објекти како што се трговските центри, аеродромите, и други државни или приватни институции.
Во таа насока, во прелиминарните заклучоци од истражувањето „Транспарентноста на институциите како предуслов за спречување на ширењето дезинформации и шпекулации во Северна Македонија“ презентирани на меѓународната конференција „Кревање на завесaта: справување со политички дезинформации преку зголемена институционална транспарентност“[v], во организација на Институтот за комуникациски студии (ИКС), беа констатирани одредени слабости поради кои се доведува во прашање креирањето на ефикасни, координирани политики и мерки за спречување на ширење на дезинформациите.
Како една од препораките од оваа конференција е наведена нужноста од развивање на посебна стратегија за справување со дезинформациите, како и постојано надоградување на постоечките институционални капацитети за справување со дезинформации, или пак развивање на нови.
Во ваков контекст, се наведува во заклучоците од оваа конференција, транспарентноста на институциите е од исклучително значење, како корективен механизам за спречување на ширење на дезинформациите.
Иако, како што беше истакнато на конференцијата, владините институции спроведуваат „активна транспарентност“ – што подразбира дисеминација на слободни и редовно обновени информации без некој тоа од нив да го бара, неопходна е исто таква транспарентност и за процесот на донесување на одлуки на власта, како и механизми за корекција.
Една од посуштинските препораки од оваа конференција се однесува на сајбер – безбедноста како посебен предизвик за Република Северна Македонија, за којашто е препорачана соодветна институционална инфраструктура, како и стратешко планирање и вложување во институционалните капацитети за справување со сајбер и хибридните закани, во согласност со референтните европски регулативи и НАТО стандарди.
Интересно е да се нотира дека Институтот за комуникациски студии во едно друго истражување за способноста на граѓаните за препознавање и справување со дезинформации[vi] се фокусира каналите кои ги шират дезинформациите, а како главен извор на дезинформации, според мислењето на анкетираните граѓани, се наведуваат – политичарите.
На прашањето кој најмногу шири дезинформации, граѓаните на прво место ги ставаат политичките партии, а на второ место се медиумите. Според перцепцијата на испитаниците, помал дел од нив одговориле дека државните институции најмногу шират дезинформации, а 13 отсто одговориле дека политичките партии, медиумите и државните институции подеднакво шират лажни информации.
Истражувањето воопшто не го третира прашањето на надворешните извори на дезинформациите, кои, како што е укажано во повеќе други истражувања и написи, нотираат дека Русија активно поттикнува раздор во Македонија од 2008 година[vii].
Медиумите да си ја препознаат улогата и да ја преземат одговорноста
За разлика од ИКС, сите останати организации, експерти и аналитичари во чиј фокус се дезинформациите и хибридните закани, посочуваат на Русија и на некои други трети страни како централни извори на дезинформации.
За Филип Стојановски[viii], директор за партнерства и развој на ресурси во Фондацијата „Метаморфозис“, масивната кампања со дезинформации започнаа со руската агресија во Украина, иако такви трендови беа регистрирани и претходно, а кои што се поврзани или со руски или со проруски извори на информации. Стојановски потенцира дека тие дезинформации се преземаат на национално ниво од одредени центри на моќ и како такви треба да се третираат како дел од пошироката слика за националната безбедност. Токму затоа е важно да се делува системски со вклучување на повеќе фактори, вели директорот на Фондацијата Метаморфозис.
Еден од тие фактори на кои укажуваат експертите секако се медиумите.
Во препораките на ИКС се вели дека сега се покажува како нужност новинарите да се оспособат со знаења и вештини за откривање на дезинформации. Во оваа смисла потребна е поддршка преку професионалните јадра на новинарите и образовните институции за континуирани обуки на новинарите, но и политичка волја за професионално и независно новинарство.
Доколку во оваа насока брзо не се преземат препорачаните мерки, нештата нема да бидат оптимистички.
На ова предупредува Катерина Синадиновска[ix], претседателка на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ), која на конференцијата е-Општество.мк презентираше сознание, според кое од вкупниот број на претставки до оваа организација, дури 70 проценти се за членот 1 од Кодексот на новинарите, кој налага објавување на проверени и точни информации.
Претседателот на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, Петрит Сарачини во интервју[x] во рамките на проектот „Отпорно новинарство во борба против дезинформациите и пропагандата“ на Цивил, вели дека големите етаблирани медиумски мора да се вклучат во борбата против дезинформациите и напоменува дека имаат нарушена информативна функција, притоа едукативната функција и речиси да отсуствува.
„Не е работа на медиумите само да ги пренесуваат изјавите на политичарите, туку треба да ги проверуваат и доколку тие не кажуваат нешто што е точно или вистинито, тоа треба медиумот да ѝ го каже на публиката“, истакнува Сарачини.
Деканката на Правниот факултет при универзитетот „Визион“ Весна Поповска нагласува дека паралелно со работата на новинарите важна улога во овој системски пристап имаат и сервисите за проверка на факти, како и медиумската писменост.
Медиумската писменост како најслаба карика
За жал, на планот на медиумската писменост Северна Македонија е на 40 место според Индексот за медиумска писменост[xi], односно на претпоследната позиција, после која е само Грузија.
Она што е значајно за овој Индекс е што со него се оценува потенцијалната ранливост на 41 општество во Европа на негативните ефекти од лажните вести, односно на дезинформациите.
Пред нашата земја, на 39 место на овој индекс е рангирано Косово, со ист број бодови како Северна Македонија, Босна и Херцеговина (24 бода) е на 38 место, Албанија (25 бода) на 37 место, Црна Гора (32 бода) на 35 место и Србија (35 бода) на 32 место. Од земјите-членки на ЕУ најлошо е рангирана Бугарија, која се наоѓа на 33 место, зад Србија.
Јасно е дека сите земји во регионот се на дното на овој европски индекс, додека во заклучоците од извештајот се посочува дека слободата на медиумите е клучен предуслов за справување со проблемите со лажните вести, вклучително и во контекст на заштитата на демократијата. Исто така се нагласува дека образованието останува суштинска компонента, вклучително и преку обезбедување насочена обука за медиумска писменост, како за младите, така и за возрасните.
„Треба да се забрза процесот на целосно воведување на медиумската писменост уште од прво одделение, па се до четврта година во средна, за децата и младите, да бидат свесни и критички да ги восприемат информациите, односно да не веруваат во сѐ што им се сервира“, вели Петрит Сарачини.
За Eлида Зулбеари[xii], уредничка на порталот „ПортАлб“ медиумската едукација во училиштата уште од најрана возраст ќе ги направи младите отпорни и со тоа тие „нема да станат плен на дезинформации за да бидат изманипулирани и измамени“.
Она што ветува позитивни промени на овој план е проектот „Младите размислуваат“[xiii] на Меѓународниот одбор за истражување и размена (ИРЕКС) во соработка со локалните партнери Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ), финансиски поддржан од УСАИД.
Со овој проект медиумската писменост влегува во основното и средното образование, а од идната година и студентите на четири високообразовни институции во земјава ќе ја изучуваат медиумска писменост како посебен наставен предмет. Станува збор за Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) од Скопје, Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) од Тетово и Економскиот факултет на Универзитетот ФОН, а оваа листа на високообразовни институции ќе се проширува секоја година.
Дезинфекцијата на дезинформациите се покажува како императив, а најважната фаза од овој процес во нашата земја веќе е помината. Заканата од нив е препознаена, изворите се лоцирани. Она што не треба да се заборави е транснационалната природа на дезинформациите што ги прави преносливи и способни да се шират како и вирусите.
Затоа, секоја долгорочна стратегија која има за цел ефикасно да се спротивстави на дезинформациите треба да усвои пристап за координирана акција помеѓу различните општествени чинители, како предуслов ефикасна резултати во борбата со дезинформациите.
(авторот е долгогодишен новинар и уредник)
Извори:
[i] The Western Balkans: A growing disinformation battleground, објавено на порталот на Атлантскиот Совет, на 7 март 2019 година
[ii] Russia’s Strategic Interests and Tools of Influence in the Western Balkans, објавено на порталот на NATO Strategic Communications Centre of Excellence, на 5 декември 2019 година
[iii] „’Францускиот предлог’: говор на омраза, дезинформации, медиумски манипулации“, Институт за медиуми и аналитика, објавено на 27 септември 2022 година
[iv] Попоска: Целта на пропагандата и дезинформациите е со неиспукан куршум да се сруши целото општество, објавено на ЦивилМедиа на 9 декември 2022 година
[v] Прелиминарните наоди на истражувањето на Институтот за комуникациски студии (ИКС) презентирани на меѓународната конференција „Кревање на завесaта: справување со политички дезинформации преку зголемена институционална транспарентност“, објавени на 16 декември 2022 година
[vi] Извештај од истражување на способноста на граѓаните за препознавање и справување со дезинформации, ИКС, 6 декември 2022 година
[vii] Russia actively stoking discord in Macedonia since 2008, intel files say, објавено на порталот на Гардијан на 4 јуни 2017 година
[viii] Стојановски: Напливот на дезинформациите се зголеми по руската агресија во Украина, објавено на ЦивилМедиа на 9 декември 2022 година
[ix] Е-општество.мк: Расте бројот на објавени дезинформации во некои медиуми, објавено на порталот на агенцијата МЕТА на 3 декември 2021 година
[x] Сарачини: Етаблираните медиуми да се вклучат во борбата со дезинформациите и во едукацијата на публиката, објавено на ЦивилМедиа на 9 декември 2022 година
[xi] Media Literacy Index 2022, Open Society Institute – Sofija, октомври 2022 година
[xii] Зулбеари: Потребна е медиумска едукација за борба против дезинформациите, објавено на ЦивилМедиа на 7 декември 2022 година
[xiii] Медиумската писменост влегува во високото образование, објавено на порталот на ИКС на 6 јуни 2022 година
(Анализата е објавена од Институтот за медиуми и аналитика ИМА)