Зад нас остана уште една турбулентна година во која и земјоделството, како и останатите економски сектори беа под силен удар на глобална инфлација, недостиг на суровини и отежнати ланци за испорака на стоки и услуги.
Македонското земјоделство, првпат од осамостојувањето на државата, во 2022 година влезе без ресорен министер, а на 10 јануари Љупчо Николовски повторно ја презеде функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
На 8 јануари беше потврден првиот случај на присуство на болеста Африканска свинска чума во нашава земја, поради што директорот на АХВ, Николче Бабовски донесе решение со кое нареди преземање на контролни и заштитни мерки за контрола и сузбивање на болеста.
Изминатава година официјално почнаа да се спроведуваат договорите од „Отворен Балкан“, помеѓу нашата држава, Србија и Албанија. На граничните премини се проверува само документацијата, лабораториските анализи се признаени од сите три држави, па стоката е проследена со сертификати, но со право на мониторинг доколку некоја од трите држави процени дека има потреба од дополнителни анализи.
Со цел со дополнителни средства да им се помогне на земјоделците и на компаниите за да ги анулираат трошоците од растот на цените, беше воведена посебна Програма за интервенентен фонд, надвор од директните плаќања и руралниот развој за поддршка и за сточарството и за растителното производство.
Во текот на 2022 година МЗШВ спроведе кампања за промоција на новиот Закон за задолжително осигурување во земјоделството, кој треба да стапи на сила во 2024 година, а го изготви Владата на Република Северна Македонија со цел воспоставување на систем на осигурување, кој ќе обезбеди ефикасен, брз и економичен пристап на заштита на лицата кои се занимаваат со земјоделство од ризиците предизвикани од временски непогоди и други настани, ефикасна исплата на штетите и заштита на Буџетот на Република Северна Македонија преку правична и навремена исплата на надоместоци по премија.
Како реформа во секторот и одговор на критиките од земјоделците и јавноста за немање позитивен ефект од поделбата на буџетските средства наменети за земјоделците и земјоделското производство, МЗШВ го најави новиот модел на субвенционирање.
„Постојниот модел за субвенционирање не ги даде очекуваните резултати, милионски суми од буџетот се издвојуваат за субвенции и поддршка на секоја одделна култура, а резултатите споредено со поддршката се незначителни. Токму затоа храбро се одлучивме да започнеме со реализација на досега најголемата земјоделска реформа, преку подготовка на нов модел за субвенционирање. Наша цел е земјоделците да го произведуваат она што ѝ е најпотребно на државата, за задоволување на домашните потреби со храна, а не да произведуваат она за што има најмногу субвенции. Мораме да сме одговорни пред сите граѓани, особено во вакви сериозни моменти кога се наоѓаме во светска криза. Средствата од буџетот што се одвојуваат за земјоделството мора да имаат развојна компонента, мора да прикажат видливи резултати, односно да имаме поголемо домашно производство на храна, кое ќе ги задоволува сопствените потреби и ќе ја намали увозната зависност. Само на овој начин можеме да ја оправдаме довербата на сите граѓани.“, рече Николовски.
Годинава ја одбележа и историски највисоката просечна откупна цена на тутунот.
„Јас го преземав мандатот токму во екот на откупот на тутун од минатогодишната реколта. Ја започнав 2022 со откупот на тутун, а еве со тутун и ќе ја завршиме. И ова е најубавиот завршеток за ваква предизвикувачка година. Да ја завршиме со убави вести, а тоа е дека откупот на тутун оваа година пишува историја и по цена и по количина и по период на откуп. За прв пат, имаме тутун кој достигна рекордна цена од скоро 290 ден/кгр., што претставува зголемување за +44% во однос на реколтата од 2021 година кога цената беше 200,44 денари“ рече Николовски.
Според директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски, „2022 година ја затвораме со одлични бројки кои ја отсликуваат финансиската поддршка во земјоделството и руралниот развој“.
Според Извештајот за 2022 година на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е најтраспарентна државна институција. Споредбено со 2021 година оваа институција предводена од министерот Љупчо Николовски, има напредок од дури 21 бод, односно од 28.5 бодови во 2021 до 49.5 бодови во 2022 година.