„Ако од најмали нозе ги учиме децата дека различноста е богатство, а не причина за некој да е исклучен, потоа формираме личности кои прифаќаат различност, не се плашат од непознатото“ изјави министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска на конференцијата на Цивил „Различностите, благодат или проклетство“.
Таа додаде дека токму поради тоа процесот на инклузија во градинките е процес во кој најмногу се вложува и процес кој дава одлучни резултати.
Министерката на конференцијата исто така истакна дека се работи со меѓународните партнери во делот на инклузија на децата од ромската етничка заедница преку овозможување на еднаков пристап на сите деца до предучилишно образование.
„Детските градинки треба да се достапни во секое населено место и да имаме одредени поволности за вклучување на децата од ромската етничка заедница. Работиме со УНИЦЕФ на ова прашање, особено во општините каде имаме поголем број на сограѓани, припадници на ромската етничка заедница“ рече Тренчевска.