Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Министерството за труд и социјална политика продолжило со несмалено темпо во реализација и изградба на нови објекти за да се задоволат потребите на граѓаните. На прес-конференцијата посветена на реализацијата на капиталните инвестиции премиерот истакна дека од 2017 година до денес, отворени се 75 градинки со опфат од 5500 деца.
„Во текот на 2022 година завршени се со реализација нови градинки или пак се изградени доградби кај градинките во 10 општини и тоа Струмица, Гостивар, Берово, Демир Капија, Крива Паланка, Валандово, како и во Сопиште, Ѓорче Петров, Аеродром и населбата Драчево. Капацитетите на градинките ги зголемивме за над 1.000 деца од целата држава. Реализирани се и други значајни инвестиции во делот на подобрување на објектите кои што нудат социјални услуги за граѓаните. Во оваа година планирана е изградба, доградба или адаптација на дополнителни над 20 градинки во државата“, кажа Ковачевски.