ЉУБОМИР КОСТОВСКИ / ЦИВИЛ Медиа
Аналитичарите од Софија кои припаѓаат на антирускиот блок на мислители деновиве се преокупирани со најавата на примена на интернационалниот закон Магнитски врз одредени видни бугарски бизнисмени, дел од од нив и носители на политички функции во минатото, а еден дури и одамна- да се каже така – пуштен да побегне во странство. Што значи таа порака сега, пред новите парламентарни избори, закажани за април годинава, кога две моќни држави во светот – САД и Британија стојат зад оваа своевидна црна листа, за која кај нас многу ретроградни сили, кои си ја ишкаат мувата, тврдеа дека такви листи не постојат.
Фаталниот вашингтонски појадок
Хронологијата на настаните од последниот месец, за да скусиме е врзана за поканата за појадување во Вашингтон, ритуал кој порано значеше посебна почит, да не речеме и мотив за поединечниот чалам во политичката чаршија, годинава се претвори во соочување со „триење на носот“ заради лоши резултати во работењето на функционерот, неговата партија или земјата која ја преставува.
Од Бугарија на тој т.н. Молитвен појадок присуствувал главниот обвинител Гешев. Имаше дилеми дали на овој настан, кој го организира претседателот на САД првиот четврток во февруари бил официјално поканет споменатиот функционер, но факт е дека тој бил во Конгресот на најмоќната држава и дека има фотографии од тој настан (за прв пат манифестацијата не се прави во некој хотел, туку во една од просториите на Конгресот!).. Факт е дека обвинителот споменал дека му било порачано дека правдата не е на висока цена во нееговата земја, што е воедно и критика за него.
Појадувањето на српскиот министер за надворешни работи Дачиќ на појадокот вериојатно ќе го чини губење на коалиција со неговиот „голем брат“ Вучиќ, бидејќи вториов, во контекст на притисокот на Западот да го спроведе германско-францускиот предлог за разрешување на косовскиот јазол, смета дека министерот му мести нешто!
Набргу после појадокот (2 февруари) стигна катил ферман во Софија кој стои дека според законот „Магнитски“, насочен кон борба со корупцијата, ќе бидат санкционирани повеќе ВИП личности во бугарското општество.
Еве ја листата
Кои се тие поединци?
Првиот е Владислав Горанов, еден од најблиските луѓе на Бојко Борисов, поранешниот премиер на Бугарија и претседател на партијата ГЕРБ. На Горанов, кој е поранешен двократен министер за финансии на Бугарија, друштво му прават и тројца членови на Бугарската социјалистичка партија (БСП, кои долго време имале клучни улоги во енергетиката: пораншниот министер за енергетика Румен Овчаров и уште двајца поранешни први луѓе на атомската централа „Козлодуј“ – Иван Генов и Александар Николов, известува бугарскиот онлајн медиум mediapool.bg. За Горанов до сега немало обвинение а за „енергетската тројка“ имало.
Козлодуј е една од оние нуклеарки за кои беше повикувана и Македонија да инвестира во обновата на нејзините капацитети, чин кој сега е проценет како пропаднат и економски штетен! Околу ова е вмешан и самиот претседател Радев кој нема да гласа за санкции против Москва кога се работи за нуклеарно гориво, кое Бугарија го увезува од Русија!
Петтиот на списокот на чинители на корупција е Николај Малинов, водач на движењето „Русофили“ и обвинет за шпионажа во полза на рускиот фактор. Тој беше издавач на некогашниот левичарски весник „Дума“ и пратеник на социјалистите, но поднесе и кандидатура за претседателските избори во ноември 2021 година.
Посебно значајно е што овој пат санкциите се координирани со Велика Британија, која санкционира тројца од првите Бугари внесени на списокот „Магнитски“ – Делјан Пеевски, бизнисмен и формално поранешен медиумски магнат, потоа уште еден негов близок – Илко Желјазков и избеганиот а обвинет голем бизнисмен Васил Божков, веројатно најбогатиот Бугарин, кој е обвинет за неколку корупциски скандали во текот на владеењето на ГЕРБ, „тешки“ повеќе стотици милиони евра.
Во соопштението на Форин офисот тројцата се опишани како „поранешен пратеник, поранеше припадник на националната безбедност и најбогатиот човек во Бугарија“.
Исто како и во САД, на лицата од списокот „Магнитски“ им се забранува патување во Велика Британија и им се замрзнуваат сите ликвидни пари, согласно со глобалниот антикорупциски режим на санкции.
Од воведувањето на законот „Магнитски“ во април 2021 година, Велика Британија досега санкционирала вкупно 35 физички и правни лица.
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, порачал, тврдат во изворот на информацијата дека новопоставените санкции имаат за цел „да ја поддржат Бугарија за таа да спроведе критично-важни реформи во областа на владеењето на правото“.
Изборите доаѓаат и ова не е добра „реклама“
Наведените личности се вмешани во корупција што довела до незаконско лично збогатување, подривање на демократските институции на државата и засилување на погубната зависност од руските енергетски извори, пренесува mediapool.bg.
„Корупцијата сврзана со посочените лица говори за системски модел за лично збогатување на штета на бугарскиот народ, владата и дмеократските институции. САД и Обединетото Кралство стојат цврсто со оние луѓе во Бугарија кои се стремат да се справат со корупцијата и да го закрепнат владеењето на правото“, нагласил Блинкен.
Какви се реакциите во Софија? Погодени со мерките се носители на функции, некои и вистински магнати, како Пеевски. Како ова ќе се одрази врз позициите на одредени партии во следните избори?
Коментаторот на Дојче Веле – Даниел Смилов смета дека сме сведоци на жанрот „ лице ѓон“. Иако се работи за политички пораки што укажуваат на две работи – „во безнадежно репресивни режими да ги означуваат лидерите и да ги лишат од чувството на неказнивост; во демократски држави со дефекти – да доведе до мобилизација на политичарите и граѓаните за елиминирање на корупцијата на највисоките нивоа на моќ“.
Санкциите се за поединци, но пораката е за системот во целина – нагласува Смилов, кој го користи описот „ѓон сурат“ или „ѓон лице“. Тоа е или целосно одбивање да се препознае и разгледа системскиот проблем зад поединечните имиња. Од ДПС (социјалистите) тврдат дека нивниот човек по грешка дошол таму и бил клеветен. ГЕРБ – со посебна декларација – зазеде уште поневеројатен став: гледате, тие вредно се борат против корупцијата и ги почитуваат санкциите, но ако некој од ГЕРБ паднал во нив, тогаш тој треба да се смета за изолиран случај. Демек, на катранот му се става лажица со мед за да не се наштети со аферата на кампањата.
Овие реакции покажуваат дека цели сегменти од бугарската политичка и менаџерска класа стојат со ширум затворени очи.
Најпрвин, според медиумите, санкциите против Бугарија се без преседан по големина и сериозност за една земја од ЕУ. Бројката од осум лица ја истакнува системската природа на проблемот. Особено што освен Горанов, сите други биле во некаква правна процедура ама еден и побегнал (своевремено се пишуваше дека во јавноста имаше кладења колку дена ќе му треба на Челото, тоа е неговиот прекар, да поб егне од заторот) и тоа во земјите на Заливот од каде нема можност за враќање во Бугарија; а другите се заглавени во процедурата, постапка која нам барем ни е добро позната!
Затоа има мислења дека токму обвинителот Иван Гешев не бил санкциониран. Дали му помогнал појадокот во Вашингтон (овој пат немало маси со храна, само кетеринг кој се консумирла стоечки). Но медиумите или еден дел од нив сметаа дека обвинителството е една пирамидална организација која давала чадор за одредени партии.
Борисов се поврзува особено со побегнатиот Божиков, кој ги лажирал игрите на среќа со помош на луѓе од финансискиот сектор и така станал „вреден“ 6,5 милијарди евра, со кои секаде во светот ќе најде прибежиште, па и промена на идентитетот. Се работи за сеопфатна шема за оштетување на државата, која не можела да функционира без знаење и соработка на врвот (Борисов).
Посебен поттекст на списокот испратен во Софија е што Бугарија има системски проблем со руското влијание во земјата. Новата листа става јасен акцент и на тоа, отстранувајќи некои клучни фигури во енергетската индустрија. Нема надеж за БСП, „Вазраждане“ и другите русофилски формации и водачи во овој поглед – тие свесно се потпираат на заштитата на руските интереси како политичка стратегија, смета на пример бугарскиот Дојче веле. И се препорачува Борисов да се пензионира, додека не влезе и самиот на списокот „Магнитски“.