Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и директорот на Канцеларијата на Светска Банка за Северна Македонија и Косово, Масимилиано Паолучи присуствуваше на отворањето на новата детска градинка „Сонце” во населбата Волково, општина Ѓорче Петров.
Со изградбата на овој објект, жителите на Волково, за прв пат, добиваат градинка, со што се решава нивниот повеќедецениски проблем.
Вкупната вредност само за овој објект, вклучувајќи ја и опремата, е близу 1,7 милиони евра, средства обезбедени преку Проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Светска Банка и со поддршка на Општина Ѓорче Петров.
„Од 2017 година до денес, отворивме 75 градинки со опфат од 5.500 деца, а заедно со оваа, нова градинка, тој број го заокружуваме на вкупно 76, со што се згрижени 5.650 деца. Нашите планови станаа реалност со тоа што капацитетите на градинките лани ги зголемивме за над 1.000 деца од целата држава, а за оваа година планираме изградба, доградба или адаптација на дополнителни, над 20 градинки во државата. Не ги заборавивме ниту оние вклучени во воспитниот процес, воспитувачките, негувателките. Oд 2017 година досега, давателите на услуги, воспитувачките и негувателките во градинките добија за околу 36% повисока плата. Со новото усогласување во месец март, овој процент ќе достигне нешто помеѓу кумулативни 45-50% вкупно раст за последните 5 години“, порача Ковачевски.