ФРАНС ТИМЕРМАНС / Project Syndicate
Руската војна против Украина, како и речиси сите војни, ќе заврши на преговарачка маса. Но, не можат да започнат преговорите додека не се обнови територијалниот интегритет на Украина. Бидејќи е малку веројатно дека Москва во скоро време ќе го промени својот став, колку побрзо Украина ги добие средствата да ги принуди руските трупи да се вратат во Русија и таму да останат, толку подобро – за Украина и за остатокот од Европа.
Сите треба да се стремиме кон брзо завршување на борбите. Но, парадоксално, за да се дојде до тој исход, мора јасно да му дадеме на знаење на рускиот претседател Владимир Путин дека ќе останеме на курсот, правејќи сé што е потребно, колку долго и да е потребно, за да види дека нема поента бескрајно да испраќа млади Руси во мелницата за месо која е украинскиот фронт.
Путин нема да ја добие оваа војна. Всушност, тој веќе ја има загубено. Но, тој би можел да ја одолговлечува или да создаде полузамрзнат конфликт доколку Украина е лишена од она што ѝ е потребно за да ги протера руските сили. За да трае секој мир, мора да биде праведен. А за да биде праведен, мора да ги почитува меѓународните граници на Украина, нејзината демократија, нејзината државност, како и нејзиното право да ја избере сопствената судбина.
Ова е клучно, затоа што оправдувањето на Русија за нејзината агресија се заснова на негирање на украинската државност. Таквите тврдења се плод на руската националистичка и империјалистичка идеологија што ја исклучува самата идеја за посебен украински идентитет. Русија го дефинира украинскиот народ како што нацистичкиот правник Карл Шмит го нарекол „тоталниот непријател“ кој не смее само да биде поразен, туку треба да биде и избришан – не поради тоа што го прави, туку поради тоа што е.
Ова е оправдувањето на Русија за тортурата, одведувањето на деца, палењето на украински книги и безбројните воени злосторства. Насилството што се врши врз Украинците поради тоа што се Украинци може да се спореди со Големиот терор на Сталин, кога милиони невини луѓе биле убиени поради тоа што биле „класни непријатели“. Теророт на Сталин „успевал“ токму поради тоа што таргетирањето на невини луѓе ги принудило сите на целосна усогласеност со волјата на државата. Ова е тоталитаризам.
Пагајќи сé подлабоко во авторитаризам во изминатите 15 години, Русија повторна стана тоталитарна. Секој што не се согласува, ризикува да биде отруен, да падне од прозорец, или да заврши во затвор. Како што населението се тероризира кон усогласенот, веќе ранливите групи се соочуваат со најголем ризик од прогон. Антисемитизмот експлоадираше, сексуалните малцинства живеат во постојан страв, а расизмот и кснофобијата се мошне распространети.
Под вакви услови, на Русија ќе ѝ биде потребно долго време да се среди, дури и ако човекот кој ја претвори неговата земја во парија ја напушти сцената. Детоксикацијата на руската нација може да потрае една генерација, а исходот е далеку од сигурен.
Колективно, не само што мораме да обезбедиме Украина да може да постигне праведен и траен мир што е можно поскоро, мораме, исто така, да ги поддржиме напорите на Украина да се трансформира во просперитетна земја, чиј граѓани може да сметаат на владеење на правто, почитување на човековите права и фундаменталните слободи. Во таа смисла, процесот на пристапување што води кон членство во Европската унија може да биде трансформативен. Исто како што тој процес им помогна на Грција, Шпанија, Португалија и земјите од Централна и Источна Европа да се детоксираат од нивното диктаторско минато, така може да ја инокулира Украина против диктаторска иднина.
Два пати во мојот живот, историјата има направено остар пресврт и ја има турнато Европа во нова насока. Првиот пат беше кога падна Берлинскиот ѕид во 1989 година, што им дозволи на Европејците повторно да се обединат. Вториот пат беше кога Русија ја нападна Украина пред една година, принудувајќи ги Европејците да ги бранат и зајакнат вредностите и институциите кои им се драги.
Гледајќи напред, мора да признаеме дека под сегашните околности, ЕУ интеграцијата на Украина ќе мора да се случи многу побрзо отколку во минатото. Но, тоа не значи дека треба да ја жртвуваме сеопфатноста на сметка на брзината. Делумна или интеграција со пропусти би оставила нерешени недоследности, што на крајот би ги ослабнале Украина и ЕУ.
Тоа што е потребно, оттука, е одговор од типот на Маршаловиот план. Ова би било од невиден размер, комбинирајќи реконструкција и економска трансформација со правни, административни и социјални реформи потребни за да ѝ се овозможи на Украина целосно да функционира како земја членка на ЕУ. Ова никогаш не било направено досега, но ќе мора да се направи сега.
Една итна задача, за ЕУ лидерите и националните политичари, е да ги подготвиме нашите граѓани за тоа што ќе подразбира оваа трансформација за Европа и Украина. Паралелно, ЕУ мора да ги изгради економските, финансиските, политичките и административните структури што ќе бидат потребни.
Рускиот режим ги претставува Европејците како слаби и декадентни слабаци. „Гајропа“ мора на крајот да попушти пред супериорната сила на ултранационализмот, верува Путин, а дури ги имаше убедено одредени политички групи во Европа и САД во ова, со политичари и медиумски личности кои фалеа „силен лидер“ кој застапува „традиционални европски вредности“. Но, украинскиот народ ги разоткрива лагите кои ја поддржуваат оваа карикатура, засрамувајќи ги западните обожаватели на Путин.
Сите ние мораме да препознаеме што е во прашање. Сто години по својата прва инкарнација, тоталитаризмот повторно се има вратено на нашиот континент. Мораме брзо да го запреме, а потоа и да го демаскираме, за да може да биде поразен и конечно збришан од самиот руски народ.
Оваа војна се работи за многу повеќе од стекнување или губење на територија. Украинската нација, европска нација, се бори за својот опстанок. Империјалистичка идеологија што го негира постоењето на други нации нема да запре само на една. Ако се дозволи руската агресија да се исплати, пламените на војната ќе горат во повеќе европски земји, а автократијата ќе се шири како гангрена.
Измината година покажа дека сме многу посилни од Путин и нему сличните, сé додека сме обединети и одлучни. Така што, ајде да земеме инспирација од хероизмот на украинскиот народ. Колку повеќе ги поддржуваме во нивната борба, толку поскоро ќе престане крвопролевањето.
Превод: Наташа Цветковска
Франс Тимерманс е извршен потпретседател на Европската комисија