Ситуацијата околу битката за Бахмут е екстремно напната, делумно поради вмешаноста на најобучените јуришни единици на руската платеничка група Вагнер, изјави командантот на копнените сили на Украина, пренесува Си-Ен-Ен.
– Непријателот во офанзивата ги користи најобучените јуришни единици Вагнер, и покрај значителните загуби во борбата за Бахмут, обидувајќи се да ја пробие одбраната на нашите трупи и да го опкружи градот, рече украинскиот генерал полковник Олександр Сирскиј, во објава на Телеграм на украинскиот воен медиумски центар.
Украинските трупи се борат да го задржат пристапот до Бахмут, откако во последните неколку недели руските сили постепено напредуваа северно и западно од градот.
„Во битките за Бахмут, нашите војници покажуваат бројни примери на издржливост, храброст и херојство“, додаде Сирскиј.
Инаку последните недели украинските власти го истакнаа зголемениот интензитет на борбите околу Бахмут.
Во понеделникот, претседателот Володимир Зеленски рече дека обидите за одбрана на градот стануваат сè попредизвикувачки, додека полковникот Јуриј Мадијар, командант на 28-та посебна механизирана бригада, ја опиша ситуацијата таму како исклучително тешка.
Подготви: А. Р.