Компанијата „Опен АИ“ (Open AI) ја најави најновата верзија на својот популарен чет-бот со вештачка интелигенција, ChatGPT. Новата верзија го носи името GPT-4.
Компанијата вели дека најновиот модел е покреативен, со помала веројатност да измислува информации и помалку пристрасен од неговиот претходник, пренесува „Гардијан“.
Новина кај чет-ботот, како што пишува Би-би-си, е што овој модел може да одговара и на слики – да дава предлози за рецепти преку фотографија од состојките, или пак да пишува наслови и описи за фотографиите.
GPT-4 може да обработи до 25.000 зборови – околу осум пати повеќе од ChatGPT.
„Опен АИ“ информираше дека компанијата поминала шест месеци работа на безбедносните карактеристики на GPT-4 и го обучувала чет-ботот за „човечки“ повратни одговори. Компанијата предупреди дека, сепак, чет-ботот сè уште може да биде склон кон споделување дезинформации.
Најновиот модел, GPT-4, за почеток ќе им биде достапен на претплатниците на „ChatGPT Plus“ кои плаќаат по 20 долари месечно за премиум пристап до услугата.
Инаку, милиони луѓе ширум светот го користат ChatGPT од неговото лансирање во ноември минатата година. Корисниците од него најчесто бараат да пишува песни, маркетинг текстови, компјутерски кодови и да им помага на учениците и студентите во пишувањето на домашните задачи.
„Опен АИ“ најави и нови партнерства со апликацијата за изучување јазици „Дуолинго“, како и со апликацијата „Be My Eyes“ за лица со оштетен вид.
Извор: Мета.мк