Националното собрание на Франција, долниот дом на францускиот парламент, денеска усвои резолуција со која го признава Гладоморот од 1932-1933 година како акт на геноцид врз украинскиот народ. Документот беше изгласан со мнозинство од 168 гласови, објави Украинска правда.
Во резолуцијата се нагласува дека Гладоморот бил вештачки предизвикан од глад кој се разликувал по своите размери во споредба со другите региони на Советскиот Сојуз и „ги земал животите на околу четири милиони Украинци, главно селани“.
Документот има за цел да го признае, од страна на француските власти, овој присилен глад на украинското население како геноцид, како и да ги осуди извршените дејствија, кои вклучуваат истребување и масовно кршење на човековите права и слободи, се вели во резолуцијата.
Резолуцијата, иницирана од група пратеници предводени од Ана Женет од про-претседателската партија Ренесанса, беше поддржана од 168 пратеници на француското Национално собрание наспроти двајца кои гласаа против.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на Твитер им се заблагодари на француските парламентарци за нивната одлука.
Признавањето од страна на францускиот парламент на Гладоморот од 1932-1933 година како геноцид врз украинскиот народ е важно и значајно. Благодарни сме за силниот придонес на Франција во разоткривањето на злосторствата на тоталитарната Русија – минатото и сегашноста. Во утврдувањето на вистината и правдата, а со тоа и одговорноста. Ти благодарам, Франција!, напиша Зеленски.
?? Parliament’s recognition of the Holodomor of 1932-33 as genocide of ?? people is important & significant. Grateful for ??’s strong contribution to exposing totalitarian Russia’s past & present crimes, establishing truth, justice, & hence accountability. Thank you France ????? pic.twitter.com/nNNYr1leHD
— Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) March 28, 2023
Гладоморот веќе е признат како геноцид врз украинскиот народ од парламентите на повеќе од дваесетина земји во светот, вклучително и оние во Европа. Во март ваков чекор беше преземен од белгискиот Претставнички дом, долниот дом на белгискиот парламент, и од парламентот на Исланд, додека германскиот Бундестаг и Европскиот парламент тоа го направија кон крајот на минатата година.
Врвот на негирањето на Гладоморот бил достигнат за време на посетата на Украина, извршена во периодот меѓу 26 август и 9 септември 1933 година од страна на Едуард Хериот, тогашен градоначалник на францускиот град Лион. Тој ги негирал извештаите за гладот и изјавил дека советска Украина е „како градина во полн цут“. Подоцна Хериот, во изјава за медиуми тврдел дека нема глад во Украина, дека не гледа никаква трага од глад и дека наводите за изгладнети милиони ги шират противниците на Советскиот Сојуз. „Кога некој верува дека Украина е уништена од глад, дозволете ми да кревам раменици“, изјавил тој.
Г. Т.