Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по повод 30 години од членството на Северна Македонија во Организацијата на обединетите нации порача дека оваа генерација има обврска да ја заокружи македонската интеграција во Европската Унија.
Денес одбележуваме три децении членство во Обединетите нации како држава членка на НАТО и земја која ги започна преговорите со Европската Унија. Тоа и нè обврзува да ја задржиме динамиката на евроинтеграциите и да ја завршиме македонската интеграција во големото европско семејство, објави вицепремиерот Маричиќ на својот фејсбук-профил.
Тој вели дека заложбата за подобар свет, во кој владеат мирот, стабилност, толеранцијата, солидарноста, Северна Македонија ја прави пример за дипломатија и дијалог.
Триесет години сме етаблирана држава на меѓународната сцена, со признаена култура, посебност и идентитет. Остануваме посветени на нашите клучни цели и вредностите на Обединетите нации, како одржувањето на меѓународниот мир и безбедност, унапредување на човековите права, зајакнување на социјалниот и економскиот развој, посочува Маричиќ.
Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ пишува дека со говорот во ООН во 1993, тогашниот претседател Киро Глигоров ги зацрта стратешките цели и приоритети на државата, и побара сите „заеднички да застанеме пред предизвиците и да ги направиме можност за брзо да напредуваме во преговорите со ЕУ, а Северна Македонија да ја направиме рамноправен партнер со земјите членки на ЕУ“.