Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел изјави дека Европа тешко може да и верува на Кина, ако Пекинг не се обиде да изнајде политичко решение за украинската криза.
Борел денеска требаше да одржи говор во Пекинг, но ја откажа посетата на Кина поради тоа што се инфицира со коронавирусот. Неговиот говор денеска е објавен на веб страницата на ЕУ.
– На ЕУ ќе и биде исклучително тешко, ако не и невозможно, да одржи однос на доверба со Кина, што би сакал да го видам, доколку Кина не придонесе за политичкото решение засновано на повлекување на Русија од украинската територија. Не е веродостојна неутралноста кога се крши меѓународното право, наведе Борел.
Тој го повика кинескиот претседател Си Џинпинг да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски и Пекинг да обезбеди поголема хуманитарна помош за украинскиот народ.
Од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Си двапати се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, но не разговараше со украинскиот претседател.
Кина пред два месеци соопшти дека се спротивставува на нападите врз цивили и нуклеарни постројки, но се воздржува од отворени критики кон Русија.