Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана, Словенија, редовно ги анализира настаните на Блискиот Исток, на Балканот и во светот. Д-р Томи Димитровски е поранешен македонски амбасадор во Република Словенија (2014-2018) и поранешен генерален конзул во Солун, Република Грција (2007-2014). Во својата статија со наслов „Парламентарни избори во Грција 2023: Неизвесност како никогаш досега“, тој ги анализира актуелните настани во Грција во контекст на парламентарните избори во таа земја, кои ќе се одржат на 21 мај 2023 година. Неговата статија ја објавуваме во целост.
Грција, прва земја од регионот членка на ЕУ
Грција е земја од регионот која што е долги години членка на Европската унија, од 1981 година. Таа е членка на Шенген зоната од 1992 година и на еврозоната од 2001 година. Грција е членка на НАТО од 1952 година.
Со пристап до три мориња, Јонско, Егејско и Средоземно Море, земјата зазема специфична геостратешка положба. САД и Грција одржуваат пријателски односи. Но, треба да се напомене дека во Грција мнозинството население е од православна вероисповед, па оттука и симпатиите на дел од населението кон православна Русија. Но тоа не претставува никаков проблем за стратешката ориентација на земјата кон ЕУ и НАТО. Американската морнарица има своја поморска база (во заливот Суда) на островот Крит од 1951 година. Во 2021 година, САД и Грција потпишаа договор со кој и се дозволува на американската војска да користи уште три воени бази на грчкиот брег на Егејското Море во Волос, Литохоро и Александрополис.
Актуелни клучни играчи во грчката политика
Актуелната грчка Влада е предводена од премиерот Кирјакос Мицотакис, кој е и претседател на Нова демократија (од 2016 година), најголемата политичка партија во Грција. Партијата е основана во 1974 година, по падот на воената хунта во Грција. Нова демократија е членка на Европската народна партија (ЕПП). Грчката политика има своја специфичност, која сè уште постои во Нова демократија. Тоа е семејна врска на раководството на партијата (грчката семејна политичка династија). Кирјакос Мицотакис е син на поранешниот премиер на Грција Константинос Мицотакис. Постариот Мицотакис беше премиер на Грција од 1990 до 1993 година. Кирјакос Мицотакис е роден во Атина во 1968 година и дипломирал на Харвард (1986-1990). Во периодот од 1990 до 1991 година работи како финансиски аналитичар во банка во Лондон. Магистрирал на Универзитетот Стенфорд (1992-1993), и поседува и МБА од Харвард (1993-1995). Сестрата на Кирјакос, Дора Бакојани, беше грчка министерка за надворешни работи (2006–2009). Синот на Дора, Костас Бакојани е актуелен градоначалник на Атина. Мицотакис е активен во политиката од 2000 година. Во 2004 година беше избран за пратеник во грчкиот парламент од Атина и на тие избори освои најмногу гласови меѓу кандидатите на Нова демократија. Мицотакис ја ужива безрезервната поддршка на Европската народна партија (ЕПП). Секако, одржува одлична соработка и со САД. Демократската партија во САД има одлични односи со големата и моќна грчка дијаспора.
Партијата СИРИЗА (во превод: Партија на радикалната левица – прогресивен сојуз) е основана во 2004 година и моментално е втора по големина партија во Грција. Партијата е наследник на СИНАСПИЗМОС (во превод: СОЈУЗ) основан во 1989 година. На чело на СИРИЗА е Алексис Ципрас. Роден е во Атина во 1974 година и по професија е градежен инженер. Претседател на партијата е од 2008 година. Во минатото бил член на Комунистичката партија на Грција (ККЕ). Во СИРИЗА нема роднински врски во раководните структури.
ПАСОК е основан во 1974 година. Името на партијата е кратенка од зборот: Панхеленско социјалистичко движење. Партијата ПАСОК е членка на Партијата на европските социјалисти (ПЕС). Во минатото оваа партија владееше со Грција долги години, но сега е трета по големина на политичката сцена. Од неодамна (2021) има нов лидер, Никос Андрулакис, кој претходно беше пратеник во Европскиот парламент. Андрулакис е роден во Атина во 1979 година и по професија е градежен инженер.
Помали партии во Грција
Комунистичката партија на Грција (ККЕ) е основана во 1918 година, по социјалистичката револуција во Русија. Актуелен претседател е Димитрис Куцумбас, роден 1955, по професија правник. Треба да се истакне учеството на ККЕ во борбата против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна, граѓанската војна (1946 – 1949) и борбата против грчката хунта (1967 – 1974).
Партијата Ellinikí Lýsi во превод значи грчко решение и е основана во 2016 година, како наследник на партијата ЛАОС, која е формирана во 2000 година. Партијата има екстремно десничарска ориентација. Претседател е новинарот Кирјакос Велопулос, роден 1965 година.
MeRa25 е левичарска партија основана во 2018 година. Претседател е Јанис Варуфакис, роден во 1961 година. Варуфакис докторирал економија во 1987 година на Универзитетот во Есекс во Англија. Варуфакис беше министер за финансии во Владата на СИРИЗА во периодот јануари – јули 2015 година, во времето на големата должничка криза во Грција. Тој подготвуваше апокалиптичен план, доколку има потреба Грција да ја напушти еврозоната. Секако, потоа Варуфакис беше сменет од функцијата и ја напушти СИРИЗА. Сето тоа го прави неподобен за коалицирање.
На 2 мај оваа година, Уставниот суд на Грција го забрани учеството на партијата Елинес (во превод Грци) на следните избори. Основач на партијата е Илиас Касидиарис, кој произлезе од веќе распуштената партија Златна зора окарактеризирана како неонацистичка. Партијата Елинес е основана во 2020 година и има доволно рејтинг за влез во новиот парламент. Оваа забрана за гласање е во корист на Нова демократија. Седиштето на партијата Златна зора беше затворено во 2019 година. Неколку членови на партијата беа прогласени за виновни за убиството на хип-хоп пејачот Павлос Фисас.
Останатите партии во Грција имаат помал рејтинг и тешко дека ќе го поминат изборниот праг од 3%.
Изборен закон во Грција
Грчкиот парламент има 300 пратеници, што значи дека за формирање влада е потребна поддршка од 151 пратеник. Изборното право во Грција има своја специфична карактеристика наречена „Зајакната пропорционална застапеност“, систем кој функционира од 2004 година. Односно, партијата која ќе освои најмногу пратеници добива дополнителен број (бонус) пратеници. Ова беше направено за да и се олесни на победничката партија самостојно да формира влада, без коалициски партнери. Овој модел генерално функционираше добро, давајќи ѝ на земјата стабилно парламентарно мнозинство.
Изборите на 21 мај ќе се одржат по новиот изборен модел, но само овој пат. Тој беше усвоен во 2016 година од левичарската влада предводена од Алексис Ципрас. Но, според грчкиот законик, изгласаните законски измени важат со задоцнување, за следниот изборен циклус. Тоа е така направено со цел да се намали можноста актуелната власт да влијае на следните избори. Изборите во 2019 година се одржаа според стариот изборен закон. Изборниот модел (усвоен во 2016), според кој овие избори ќе се одржат на 21 мај, е без дополнителен бонус за пратеници, односно се базира на пропорционален изборен модел. Но, сегашната влада на Мицотакис го врати стариот изборен закон во 2020 година со мали измени. Тоа значи дека следните избори (кога и да се одржат по 21 мај) ќе го следат традиционалниот модел со малку изменет систем за зголемување на пратеничкиот бонус за победникот. Тоа значи дека ако победничката партија освои 25% од гласовите, ќе добие бонус од 20 пратеници, а ако освојат 40% (поточно им требаат 38%) ќе добијат бонус од 50 пратеници. Едноставна симулација за актуелните избори на 21 мај, со моментална распределба на силите, доколку победникот на изборите освои околу 42% од гласовите, со актуелниот изборен закон би добил 126 пратеници, но со старо-новиот закон кои ќе важат од следните избори (да речеме во јули 2023 година) ќе добијат 158 пратеници. Оваа симулација е направена според сегашниот распоред на силите, за составот на парламентот во кој би биле шест политички партии.
Ова не требаше да се случи
Железничката трагедија во округот Темби на 28 февруари 2023 година, во која загинаа 57 животи, меѓу кои и многу студенти во цутот на младоста. Возот сообраќал на релација Атина – Солун и се судрил со транспортен воз. Декларираната причина за оваа трагедија е човечка грешка. Но, железничкиот синдикат веќе неколку години се жалеше на лоши услови и бараше подобрување на условите во грчките железници. Никој не одговори на овие обвинувања. Овој пат цената ја плати целата влада на Мицотакис, со драстичен пад на рејтингот.
На овие избори влијание има и аферата со прислушувањето на претседателот на ПАСОК Андрулакис, која избувна летото 2022 година. Имено, Службата за обезбедување тајност на комуникации (АДАЕ) во Грција, по претходен извештај на Службата за безбедност на комуникации на Европскиот парламент, откри дека всушност грчката безбедносна служба ЕИП го прислушувала телефонот на Андрулакис. И тоа врз основа на законски прибавена наредба на надлежен обвинител, со изговор за негова евентуална соработка со странски фактор. Не звучеше сè многу убедливо. Политичката цена беше платена, а директорот на Службата ЕИП поднесе оставка. Но и шефот на кабинетот на премиерот Мицотакис, Григорис Димитриадис. Тој е негов внук од неговата сестра Катеринa Мицотакис, и човек од најголема доверба на премиерот. Останува дилемата дали Мицотакис беше известен за оваа деликатна активност на ЕИП.
Моменталниот рејтинг на партиите
Во Грција има угледни агенции за мерење на рејтингот на партиите и на расположението на граѓаните. Долги години нивниот рејтинг прецизно ги предвидува резултатите од изборите.
На следните избори ќе се натпреваруваат поголемите партии Нова демократија, СИРИЗА и ПАСОК, како и помалите партии KKE, MeRa25 и Ellinikí Lýsi.
Сегашниот рејтинг на Нова демократија достигнува и до 33%. Но, во своите анализи агенциите традиционално го мерат и параметарот „проценка на гласовите“, кој кај Нова демократија достигнува и до 36,9 отсто. За самостојно формирање влада без коалициони партнери им требаат околу 38%. Но, не со сегашниот, туку со изборниот модел со зголемен бонус за дополнителни пратеници. Овој факт треба да се земе предвид бидејќи можно е земјата да оди на нови последователни избори (почеток на јули), доколку по овие избори никој не формира влада. Нова демократија очигледно го преживеа падот на рејтингот по трагедијата во Темби. СИРИЗА има помал рејтинг од Нова демократија за околу 6% (околу 27% од рејтингот). Следни се социјалистите ПАСОК (околу 10% од рејтингот), а зад нив е ККЕ (околу 7% од рејтингот). Партиите MeRa25 и Ellinikí Lýsi се малку над изборниот праг од 3% за влез во парламентот.
Кирјакос Мицотакис има највисок личен рејтинг како кандидат за иден премиер, 37%. Следен на листата е Алексис Ципрас со рејтинг од 21%.
На денот на изборите математиката ќе биде тешка
Агенциите за мерење на рејтингот на партиите создаваат и симулации за потенцијални пратенички мандати. Доколку оваа распределба на силите остане до изборите, партиите кои ќе го сочинуваат следниот парламент се:
● Нова демократија: 121 (пратеници)
● СИРИЗА: 100
● ПАСОК: 33
● ККЕ: 32
● MeRa25: 12
● Ellinikí Lýsi: 11.
Ден по изборите
Нема сомнеж дека грчката претседателка Катерина Сакеларопулу прво ќе му даде мандат на Мицотакис за да може да се обиде да формира влада. Но, Нова демократија нема да може сама да формира влада. Единствена десно ориентирана партија е Ellinikí Lýsi, но и тогаш заедно со неа немаат 151 глас.
Постојат две опции.
Една од опциите е Мицотакис да го врати мандатот и да се надева на нови избори и да се обиде да го зголеми својот рејтинг на најмалку 38% со агресивна кампања. Следните избори најверојатно ќе се одржат на почетокот на јули пред да започне главната туристичка сезона. Мицотакис се надева дека помалите партии нема да го надминуваат изборниот праг од 3% и со тоа Нова Демократија ќе добие повисок бонус на пратеници. Ако тогаш Нова демократија освои над 38% од гласовите, ќе може сама да формира влада.
Друга опција за Мицотакис е да му понуди на ПАСОК да формира коалициска влада, но некако во моментов нема многу ентузијазам за тоа. За соработка на Нова демократија со СИРИЗА не доаѓа предвид.
Ако Мицотакис го врати мандатот, Ципрас ќе се обиде да формира Влада. Но, шансите за формирање влада од левичарските партии (СИРИЗА, ПАСОК и МеRа25) се мали. А таа можност не е ни популарна. Таква опција премиерот Мицотакис ја нарече Влада на поразените. И левичарските партии стравуваат дека ваквиот чекор ќе предизвика револт кај гласачите, со оглед на тоа што досега нема таква практика во Грција. А во Грција никој не е подготвен да го заборави апокалиптичниот план на Варуфакис, да воспостави нов платен систем во земјата. ККЕ одбива каква било соработка.
Андрулакис неодамна во своето интервју спомна дека дури и да се формира коалициска влада во иднина, Мицотакис не може да биде премиер. Андрулакис алудира на скандалите со прислушувањето и трагедијата во Темби. Мицотакис секако не се согласува со ова, со оглед на тоа што ужива најголема поддршка меѓу политичарите.
Несигурност
Првпат во изминатите неколку изборни циклуси, анкетите не покажуваат дека некоја партија би можела да извојува убедлива победа и во исто време сама да формира влада. Сето ова го комплицира сегашниот изборен модел. Коалициите не се популарни во Грција, но не се ниту невозможни. Било какви последователни избори според старо-новиот приспособен модел на бонус за пратеници ќе ја фаворизираат најголемата партија. Последните неколку недели се забележува растечки тренд на рејтингот на премиерот Мицотакис и на Нова демократија.