Компанијата за социјални медиуми ТикТок ја тужеше американската сојузна држава Монтана, првата што ја забрани оваа апликација со закон, објави Ројтерс.
Во тужбата се наведува дека законот претставува неуставно кршење на правата на слободата на говорот и се заснова на „неосновани шпекулации“ дека кинеската Влада би можела да пристапи до податоците на корисниците.
Тужбата од ТикТок доаѓа веднаш по поднесената тужба од пет други креатори на содржини кои ги делат истите аргументи дека државата Монтана нема јурисдикција да се занимава со прашањата за националната безбедност, пренесува Гласот на Америка.
Двете тужби беа поднесени пред федералниот суд во Мисула.
ТикТок не ги сподели и нема да ги сподели податоците на американските корисници со кинеската влада, преземајќи мерки за заштита на приватноста и безбедноста на своите корисници, како што е чување на податоците на американските корисници во САД, наведено е во жалбата.
Кинеските закони бараат од кинеските компании да споделуваат податоци со владата од која било причина што се чини дека имаат врска со националната безбедност. ТикТок тврди дека ова никогаш не им се случило.
Г. Т.