Речиси две третини од вкупното население на државава позитивно ја оценува иницијативата Отворен Балкан, а во тоа се согласуваат и испитаниците од македонска и албанска националност, според анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје.
Позитивно за зголемената регионална соработка и економска интеграција меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија одговориле 62 отсто од испитаниците кои се декларираат како Македонци и 67 отсто од испитаниците кои се декларирале како Албанци. Ваквите проценти покажуваат дека „Отворен Балкан“ е точката за која во државата има речиси национален консензус.
Огромна поддршка за иницијативата покажуваат особено помладите испитаници. Над 70 отсто од граѓаните помеѓу 18 и 29 години дале позитивна оценка на „Отворен Балкан“.
Анкетата на ИПИС откри и дека постои драстичен раст на поддршката за „Отворен Балкан“ во споредба со нивната претходна анкета од 2020 година. Тогаш само 42,4 отсто од граѓаните позитивно гледале на иницијативата. Процентот на граѓаните кои негативно гледаат на „Отворен Балкан“ во мај 2023 година паднал на 15,9 отсто, наспроти речиси 40 отсто во 2020 година.