Франција ја обвини Русија дека води голема операција за дигитално заплеткување со објавување лажни написи на главните француски дневни весници против Украина, нарекувајќи ја „хибридна војна“ на Москва и чин „недостоен за постојана членка на Советот за безбедност на ОН“, објавија денеска француските медиуми.
„Француските власти несомнено го утврдија постоењето на кампања за манипулација со дигитални информации против Франција во која државни и субјекти поврзани со руската држава учествуваа во ширењето на лажни информации“, истакна министерката за надворешни работи Кетрин Колона во изјавата што ја прочита нејзината портпаролката, додавајќи дека Париз „тесно соработува“ со сојузниците за „да не успее хибридната војна предводена од Русија“.
Цел на кампањата беа веб-страниците на некои весници, како и оние на Министерството за надворешни работи и на Владата, а беше спроведена со креирање на паралелни веб-страници, додаде портпаролката Ен-Клер Лежандре. Франција досега беше крајно претпазлива во врска со обвинувањата за дигитални напади.
„Вмешаноста на руските дипломатски претставништва и културни центри кои активно учествуваа во спроведувањето на оваа кампања, вклучително и преку нивните официјални профили на социјалните мрежи, е нова потврда за хибридната стратегија што Русија ја користи за да ги поткопува условите за демократска дебата“, рече министерката.
Операцијата што ја разоткри француската Влада е всушност „втората фаза од веќе познатата кампања, но со пософистициран начин на дејствување чија цел е да се заобиколат контрамерките и да бидат помалку видливи“, изјави за АФП безбедносен извор запознаен со ова прашање.
Станува збор за операцијата Doppelgaenger (во народната култура на некои европски земји тоа е злобниот двојник на личноста), која е документирана во 2022 година од европската организација EU DisinfoLab и американската Мета.
Г. Т.