Косовската претседателка Вјоса Османи утре ќе се обрати на пленарната седница на Европскиот парламент, соопштија од нејзиниот кабинет.
Османи ќе учествува на седницата на покана на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, а тоа ќе биде прво обраќање на претседател на Косово како независна држава, се додава во соопштението.
Османи, како што е наведено, ќе зборува за постигнувањата на Косово и патот кон членство во Европската унија и ќе ја изрази благодарноста на граѓаните на Косово за поддршката што Европскиот парламент му ја дава на Косово од 90-тите години.
За време на престојот во Стразбур, Османи прво ќе се сретне со Мецола и ќе разговара за соработката меѓу Косово и Европскиот парламент, а потоа ќе се сретне и со лидерите на главните политички групи застапени во ЕП.
Покрај средбите со претставници на Европскиот парламент во Стразбур, таа ќе се сретне и со претставници на Советот на Европа, се додава во соопштението.