Република Северна Македонија е пред нов предизвик – кога треба сите во државата да покажеме одговорност за европската иднина на државата и по членството на НАТО, да станеме членка на ЕУ, кажа премиерот Димитар Ковачевски на сесијата „Договорот од Преспа за пет години: предизвиците претворени во можности“, во рамки на „Преспа форум дијалог“.
Јас сум убеден и работам на тоа да се израдуваме на нов успех. Го имаме најдобриот договор со ЕУ кој може да го добиеме, којшто ги штити нашите македонски идентитетски одредници, со којшто никој не смее да се коцка. Ја имаме огромната и сестрана поддршка од нашиот стратешки партнер САД и од нашите европски партнери. И се надевам дека дијалогот, којшто стана нашиот заштитен знак, ќе ни донесе ново, политичко обединување дома, за да ги донесеме потребните одлуки во Собранието на Република Северна Македонија, коишто имаат одредувачка насока за нашето полноправно членство во ЕУ, истакна премиерот.
Тој изрази надеж дека нашиот, како што оцени, вреден пример ќе инспирира и други држави од регионот со отворени билатерални прашања, да дојдат до применливи решенија.
-Европската Унија отсекогаш му била потребна на Западен Балкан. Но денес и Западен Балкан ѝ е потребен на Европа, посебно ако се земат превид предвид новите геополитички и безбедносни случувања. И ова е момент што не се пропушта. Република Северна Македонија веднаш и ефикасно се постави стопроцентно на линија на надворешната политика на ЕУ во однос на ситуацијата во Украина и тоа потсети што значи да сме обединети во демократските вредности. Другата опција е нестабилност, ризици и конфликти коишто во денешното време на хибридни закани, дезинформации и лажни вести се заканува на европскиот и на светскиот мир и тоа е мора да е јасно за сите и во регионот и во Европа. Имаме обврска да покажеме одговорност кон сопствената улога во зачувувањето на мирот во Европа. И да ја зграбиме својата заслужена шанса. Затоа што географски припаѓаме на Европа. Затоа што нашите граѓани заслужуваат европски квалитет на живот. Затоа што нашите млади луѓе заслужуваат да им се оствари сонот да живеат во Европа, а тоа да биде нивната родна земја. Затоа што е можно да ги здружиме силите во нашиот регион и со поддршката што ја имаме од нашите европски пријатели, да ја направиме 2030 година реална цел за проширено европско семејство и интеграција во Европската Унија, заклучи Ковачевски.