Турскиот Парламент треба да го започне процесот на ратификација на кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, бидејќи Стокхолм веќе ги исполни своите обврски од договорот со Анкара за приклучување кон западната воена Алијанса, изјави шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром.
Минатата година, Шведска и Финска решија да ја сменат својата повеќедецениска политика да не се приклучат кон меѓународната организација за воена соработка. Откако Русија ја нападна Украина, тие аплицираа за влез во НАТО.
Финска се приклучи на НАТО во април, но Турција продолжува да го блокира членството на Шведска, под изговор дека има загриженост поврзана со безбедноста. Анкара овој месец рече дека Шведска мора да ги запре антитурските протести во Стокхолм пред да добие зелено светло за влез во НАТО.
„Нашата проценка е дека го направивме она што се очекуваше од нас. Сега е време турскиот Парламент да започне со ратификацијата“, рече Билстром.
Билстром рече дека Шведска сè уште се надева дека ќе може да се приклучи на самитот на НАТО во Вилнус во средината на јули, додавајќи дека нема „план Б“.