Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска беше во посета на фабриката АД „Европа” Скопје, којашто опстојува на пазарот речиси над 140 години, работи по најсовремени методи и стандарди, а државната финансиска поддршка што ја добиле помогнала значително во нивниот напредок и покрај актуелните предизвици. И денес се стабилна индустриска компанија со производство од околу 5.000 тони годишно продажба на странскиот и на домашниот пазар.
„Многу е убаво кога ќе се види напредокот на компанијата во којашто сме денеска, АД „Европа” Скопје, којашто е наш домашен, а во исто време и европски и светски бренд за чоколади, вафли, бонбони.
Развојот на компанијата покажува дека треба да се има јасна идеја, визија, план, стручни работници, добар менаџмент и посветено да се работи и секогаш ќе има резултати. И дека успехот е можен во стабилна држава, којашто се грижи за опстанокот и развојот на домашните компании. Во услови кога во светот се затвораат фирми, дури и огромни компании, кога е доведено во прашање производството на познати светски брендови, чоколадната индустрија АД „Европа” егзистира успешно и успешно обезбедува плата за 500-тини вработени кои тука работат”, рече премиерот Ковачевски.
Конкретно, компанијата во време на пандемијата, со државна поддршка, како корисник на мерката на Владата за справување со КОВИД-19 кризата, набавила нова опрема за производство на производи од какао, чоколади. Во 2019 година, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, АД „Европа”, за инвестициски проект е корисник на нова државна финансиска поддршка. Вкупната исплатена државна помош кон компанијата по овој основ е 165 илјади евра (10.000.000 денари). А во овој момент компанијата користи државна финансиска поддршка од над 66.000 евра, по овој основ.
„Ние како Влада, токму со цел да ги поддржиме и домашните, покрај странските инвестиции, во 2018 година го инициравме Законот за финансиска поддршка на инвестициите, којшто беше усвоен и во Собранието. Само лани, по основ на овој закон, државата обезбеди 23 милиони евра директна финансиска помош за над 410 компании, што е најголема државна поддршка за домашни компании досега, од осамостојувањето на државата”, посочи премиерот Ковачевски.
Донесовме, како што дополни премиерот Ковачевски и пакет антикризни мерки од 760 милиони евра, што е најголем пакет на државна помош во регионот, според податоците на ЕБРД.
Премиерот рече дека покрај финансиската поддршка на домашните компании, „растат и платите кои се исто така на историски највисоко ниво досега” и посочи на просечната месечно исплатена нето плата по вработен, којашто во април 2023 достигна над 36.000 денари и на минималната плата, којашто од март годинава е над 20.000 денари. Исто така, како што нагласи премиерот Ковачевски, лани, најкризната година за целиот свет ја завршивме со историски рекорден износ и на странски директни инвестиции во земјата во висина од 753,8 милиони евра; во технолошко-индустриските развојни зони има 16.900 работни места, со плати над државниот просек; невработеноста во изминатите неколку години е намалена за 8 процентни поени; стапката на вработеност кумулативно за истиот период е зголемена за 9,5 проценти; инфлацијата е во надолна линија и од 19,8 отсто во октомври 2022 година е падната на 11,3 отсто претходниот месец, при што се очекува спуштање на инфлацијата до 8 отсто, за 2023 година.
„Во оваа прилика сакам да порачам, дека ќе продолжиме силно да ги поддржуваме домашните компании и стандардот на граѓаните. Јас како премиер и оваа Влада сме категорично определени да осигураме европски услови за живот дома, да отвориме нови и уште поголеми регионални, европски и светски пазари за граѓаните и компаниите. И за оваа цел работиме низ прецизен стратешки пристап, со стратешко лидерство. Членството во НАТО ги отвори вратите за нови инвестиции, бидејќи инвеститорите сакаат сигурност. А со натамошниот напредок во европските интеграции, ќе ја донесеме Европа дома и ќе си ги задржиме младите луѓе во родната земја, за со својот креативен потенцијал и младешка енергија да ја развиваат Република Северна Македонија, за доброто за сите нас”, порача премиерот Ковачевски.