Европскиот парламент го повика Меѓународниот кривичен суд (МКС) да издаде налог за апсење на белорускиот диктатор Александар Лукашенко, пишува денеска Кијив индепендент.
Со оглед на тоа што Меѓународниот кривичен суд (МКС) веќе има издадено налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова, европратениците го повикуваат МКС да разгледа сличен налог за апсење на Александар Лукашенко, наведе Европарламентот во своето соопштение.
Законодавното тело на ЕУ нагласи дека Белорусија под режимот на Лукашенко сноси одговорност за злосторствата извршени против Украина, особено за депортацијата на украинските деца.
Парламентот повика на „сите неопходни чекори на меѓународно ниво“ со цел да се обезбеди кривично гонење на белоруските лидери одговорни за овие дела.
Осудувајќи го режимот на Лукашенко, Парламентот го осуди неговото кршење на човековите права, изрази противење на учеството на белоруските спортисти на Олимписките игри во Париз во 2024 година и повика на ослободување на политичките затвореници, како и воведување построги санкции од страна на ЕУ.
Во соопштението, исто така, се предупредува на растечката подреденост на Белорусија кон Москва и се повикува ЕУ поодлучно да ја поддржи белоруската демократска опозиција.
Белоруската антивладина организација Национален антикризен менаџмент поднесе докази до МКС на 27 јуни дека Лукашенко и други белоруски и руски функционери се одговорни за присилната депортација на најмалку 2.100 украински деца во Белорусија.
Народниот правобранител на Украина, Дмитро Лубинец, исто така, рече дека украинските деца, како и воените затвореници, се транспортираат во Белорусија со знаење на властите во Минск.
МКС на 17 март издаде потерница по Путин и Лвова-Белова за организирање на нелегално префрлање на деца, чиј број изнесува над 19.500 според базата на податоци на украинската влада – „Деца на војната“.
Г. Т.