Авганистанското Министерство за морал соопшти дека во провинцијата Херат се запалени конфискувани музички инструменти кои се сметаат за „неморални“, објавија западните медиуми.
„Промовирањето музика доведува до корупција на моралот, а пуштањето музика ги доведува во заблуда младите“, рече Азиз ал Рахман ал-Мухаџир, службеник во Министерството за промоција на доблести и спречување на пороци во провинцијата Херат во западен Авганистан.
Талибанците ја презедоа власта во август 2021 година и оттогаш континуирано воведуваат закони за спроведување на строго придржување кон исламот. Забрането е пуштање музика во јавност.
Запалените инструменти најмногу ги собирале од свадбените сали, со вкупна вредност од неколку стотици долари.
Гореле гитари, хармоники, два жичени инструмента, еден вид тапан, како и звучници и опрема за разглас.
Жените се главната цел на новите владини регулативи. Дозволено им е да се појавуваат во јавност само ако го покриваат телото и лицето.
На тинејџерките и на жените им е исто така забранет пристап во училишта и универзитети, како и во паркови, амами и спортски сали.
Неодамна ширум земјата се затворени козметичките салони бидејќи властите сметаат дека таквите услуги се прескапи и не се во духот на исламот.
Г. Т.