Пишува: ЗОРАН АНЃЕЛОВСКИ
Оваа тема секогаш буди огромни емоции на било која нација. Огромна група е приврзана за идентитетот и национализмот, подложна на дезиформации и искривени факти и ако некој друг има различен став или мислење веднаш се прогласува за „предавник“ близок до „другите“.
Јас сум горд македонски патриот, кој зборува македонски јазик, ги почитувам сите националности, вери и раси.
За мене има само ЛУЃЕ ИЛИ НЕЛУЃЕ, бидејќи ние од самото раѓање СИТЕ СМЕ ИСТИ, без националност, без вера. Замислете пример, при породување на две мајки од различна националност им ги заменат бебињата. Отпосле добиваме сè, име, вера, националност. Едноставно добиваме идентитет пренесен од нашите родители.
Доаѓаме до идентитетот, кој се пренесува од колено на колено во едно семејство. Новиот член на семејството, добива соодветно име, добива националност, добива вера, почнува да зборува јазик исто како му зборуваат домашните. Значи идентитетот се зачувува преку семејството, не може без сопствена волља да ти се наметне некој друг идентитет. Замислете сега нашинците во странство на своето новороденче, му зборуваат САМО француски, англиски, германски, норвешки, без користење својот мајчин јазик, мислите дека тоа дете ќе расте со чувство дека по националност е од родниот крај на своите родители. Треба да се воспитува да биде патриот кој ќе се гордее и сака својата родна држава или држава на нивните родители, да зборуваат мајчин јазик, да има сопствен избор, да ги почитуваат различностите. Не смее да се трујат со национализам.
Доаѓаме до национализмот, национализмот е величење на своето и омраза кон другиот. Национализмот нема националност, секаде го има, кај сите нации и народи. Национализмот е „храна за гладен народ“, создаден од политиката. Политика која нуди омраза и поделби, политичарите на балканот го користат само да опстанат или да дојдат до власт и моќ, да ги штитат своите лични интереси.
Југославија беше моќна држава чиј главен столб беше „братството и единството“ или заедништвото меѓу народите. 45 години се создаваа и одржуваа „проекти“ плус ЈНА, каде ќе се јакне заедништвото меѓу народите. Јас поголемиот дел од моето детство го поминав растејќи во таква интересна група, каде деца од сите народи и народности се дружеа заедно. Да се разбереме, не дека немало национализам, но со репресивни мерки е спречуван. После 45 години, политиката, прво економски го разјаде системот, а потоа го пламна национализмот и за 1 (една) година дојде до крвава војна каде роднини од мешани бракови меѓусебно се изпоубија и денес национализмот уште гори на овие простори и се поттикнува омразата.
Ако сакаме да успееме како општество, прво да ја сузбиеме политиката на национализам и поделби. Национализмот не носи ништо добро, носи само лошо, носи само конфликти и омраза. Да работиме на заедништвото, да се држиме до работи кои нè зближуваат, да градиме иднина со еднаквост, силна економија и подобар живот.