Наративот која го користи опозицијата е директно спротивен на македонските стратешки, национални и државни интереси, вели претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за Фронтлајн и Цивил Медиа.
Тој ги наведува двата главни наративи со кои се служи дел од опозицијата, во однос, и во пресрет на Уставните измени.
„Ги слушам тие шпекулации „ако реши меѓународниот фактор, ако беше некоја моќна држава“, дека тој проблем може да се надмине. Тоа се митови. Никогаш ниеден битен, па и помалку битен проблем во Македонија не е решен од странците. Странците, може да поддржуваат одредена варијанта на опција за излегување од криза, или за надминување на проблем или предизвик да поддржуваат, како што прават и сега. Европска унија, Вашингтон поддржуваат промена на Уставот за да го продолжиме европскиот пат. Не може странците место нас да го решат проблемот, тој што мисли така се лаже себеси, ги лаже и другите. Следејќи ги двата главни наративи околу проблемот со уставните промени, едната страна која вели бенигна е работава…
Седум народи, делови од народи имаме веќе во преамбулата на уставот и уште шест да поставиме нема да се загрози сигурно стабилноста на Северна Македонија и нејзината иднина. Бидејќи 22 години наназад од Рамковниот договор па наваму ги имаме сите тие народи, и делови од народи и државата не пропадна. Напротив, мое убедување е дека внатрешната кохезија и чувството на лојалност кај многу од нив, од таканаречените помалубројни етнички заедници само се зголеми, не се намали. Бидејќи Македонија ја чувствуваат повеќе од пред 2001 година како своја татковина.
Вториот наратив вели – лош е договорот со Бугарија уште полоша е таканаречената европска преговарачка рамка, кога ќе дојдеме на власт, ние ќе направиме подобар договор со Бугарија и подобра европска рамка. Овие два наративи се судираат директно еден со друг, значи не може да живеат една покрај друг, или со едниот или со другиот, ќе продолжиме понатаму да живееме. Мое убедување е дека вториот наратив која го користи опозицијата е директно спротивен на македонските стратешки, национални и државни интереси.“, истакна претседателот Пендаровски во интервјуто.
Целото интервју, тука.
Разговорот го водеше: Дестан Јонузи
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Ангел Ангеловски
Интервјуто е дел од редакциската соработка на Фронтлајн и ЦИВИЛ Медиа.
Поврзано: