Претседателот Пендаровски во интервју за Фронтлајн и Цивил Медиа, вели дека ако не успееме да го промениме Уставот и не продолжиме кон ЕУ, нема да има дестабилизација на државата, но нагласува дека во таква ситуација ќе биде широко отворена вратата за автократските тенденции и недемократско владеење.
Може лесно во таков еден контекст да се повтори – начинот или форматот, или моделот на владеење на владата на Груевски, истакна Пендаровски.
„Нема да има никаква дестабилизација на Северна Македонија ако не успееме да го промениме Уставот и не продолжиме кон ЕУ. Седумнаесет години сме надвор од Европа со статус на кандидат, бевме 12 години со ова што го спомнав, со аспирација за членство па во 2018 година станавме членка, и не се случи никаква безбедност и дестабилизација. Ниту може, ниту ќе се случи! Не заборавајте ние имаме стратешки договор со САД од 2008 година кои подразбира заеднички механизам на кризен менаџмент, ако не дај боже нешто лошо почнува да се случува и да се навестува. Значи, нема да имаме дестабилизација.
Јас тврдам дека во таква една ситуација ќе биде широко отворена вратата за автократските тенденции и недемократско владеење. Државата нема да се распадне сигурно, но како ќе бидат перспективите на младите луѓе, ако немаме блиска перспектива да влеземе во Европската унија, да речеме до 2030, или да не кажам па дури и порано, ако воопшто не преговарам и чекаме некаков подобар договор да го постигнат некои идни власти. Во тој дел, морам да ви кажам, сум прилично резервиран и песимист. Моите предвидувања се дека може лесно во таков еден контекст да се повтори – начинот или форматот, или моделот на владеење на владата на Груевски“, рече Пендаровски.
Целото интервју со претседателот Пендаровски, можете да го погледнете тука.
Разговорот го водеше: Дестан Јонузи
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Ангел Ангеловски
Интервјуто е дел од редакциската соработка на Фронтлајн и ЦИВИЛ Медиа.
Поврзано: