Европски истражители заплениле милијарди во борбата против организираниот криминал, но тоа е само мал дел од криминалниот профит, објави европската полициска агенција Европол. Се проценува дека во 2020 и 2021 година во Европската унија биле конфискувани просечно 4,1 милијарди евра, се наведува во извештајот на Европол.
Износот на запленетата добивка сепак е премногу низок, бидејќи претставува само помалку од 2 отсто од годишниот проценет приход од организираниот криминал, наведува агенцијата.
„Организираниот криминал успеа да изгради паралелна глобална криминална економија кога станува збор за перење пари, нелегални финансиски трансфери и корупција“, изјави извршната директорка на Европол, Кетрин Де Боле.
„Со помош на модерната технологија, тие успеаја да ги прошират своите активности и нивниот начин на работа за да избегнат откривање“, рече таа, додавајќи дека околу 70 отсто од криминалните мрежи користат различни форми на перење пари за да ги финансираат своите активности, а 80 отсто злоупотребуваат законски деловни структури за криминални активности.
Илва Јохансон, еврокомесарката за внатрешни работи, ги повика земјите од Европската унија на поблиска соработка во борбата против организираниот криминал.
„Доколку земјите-членки на ЕУ соработуваат уште поблиску кога ќе се соочат со овој проблем, ќе постигнеме големи резултати“, истакна Јохансон.
Г. Т.