Украинските системи за противвоздушна одбрана во текот на ноќта собориле 16 од околу 30 беспилотни летала “Шахед-131/136”, што Русија ги лансираше на украинска територија, соопшти утрово украинското воздухопловство, пренесе Украинска правда.
На апликацијата за пораки Телеграм украинското воздухопловство соопшти дека беспилотните летала биле лансирани од југ, југоисток и север, а со нив жестоко бил нападнат централниот украински регион Черкаси.
„Во текот на ноќта непријателот со борбените дронови масовно го нападна нашиот регион Черкаси. За жал, тие ја погодија индустриската инфраструктура во градот Уман, изјави гувернерот на Черкаси, Ихор Табуретс на Телеграм.
„Поради тоа избувнаа пожари во магацини. Посебно во оние во кои се складира житото“, прецизираше гувернерот и додаде дека во нападите едно лице е повредено.