Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш даде изјава во врска со конфликтот во Израел. Тој ги осуди нападите врз цивили и земање заложници и го повика Израел да дозволи хуманитарната помош да стигне до Газа.
Гутереш ја повтори својата осуда за „грозоморните“ напади на милитантите на Хамас врз израелските градови и села.
Тој повика на прекин на сите напади врз цивили, како и на ослободување на заложниците кои се држат во Газа, пренесе Би Би Си.
Гутереш потврди дека се убиени повеќе од 800 Израелци и предупреди дека бројот веројатно ќе се зголеми. Ид друга страна, радио станицата на израелската армија објави дека во нападите на Хамас загинале најмалку 900 Израелци.
Тој рече дека е „длабоко вознемирен“ поради 500-те загинати Палестинци во Газа, каде што билансот исто така расте од минута во минута, додека израелските воздушни напади продолжуваат.
Гутереш го повика Израел да ги заштити цивилите и цивилната инфраструктура при извршување на неговите воени операции.
Тој рече дека е „длабоко вознемирен“ од целосната опсада на Газа од страна на Израел, вклучително и прекинот на снабдувањето со храна, гориво и електрична енергија, и предупреди дека „исклучително лошата“ хуманитарна ситуација во Газа само „ќе се влоши експоненцијално“.
Тој, исто така, ги повика сите страни да им дозволат пристап на ОН за испорака на итна помош.
Г. Т.