На тајното гласање за избор на две нови земји-членки на Советот за човекови права, обидот на Русија да се врати во тоа тело на ОН не успеа – Бугарија доби 160 гласа, Албанија 123, а Русија 83.
Русија не успеа да добие место во Советот за човекови права на ОН, откако мнозинството земји во Генералното собрание денеска гласаа против, што е знак дека поддршката за меѓународните напори да се изолира Москва поради нејзината војна во Украина останува значајна по речиси 20 месеци борби.
Гласањето се смета за клучен тест за напорите на Западот да ја задржи Москва дипломатски изолирана по нејзината инвазија на Украина. Од почетокот на руската агресија минатата година, речиси 150 земји ги поддржаа резолуциите на Обединетите нации со кои се бара Русија безусловно да се повлече од Украина, а неколку десетици држави воведоа економски санкции кон Москва. Поради нејзината инвазија на соседната земја пред 18 месеци, Русија беше исфрлена од Советот за човекови права на ОН со седиште во Женева.
Советот за човекови права на ОН е меѓународно тело за човекови права во системот на ОН што ја замени Комисијата за човекови права на ОН. Советот е помошно тело на Генералното собрание. Неговиот прв состанок се одржа на 19 јуни 2006 година.
Г. Т.