Украина повика Русија да биде исклучена од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), предупредувајќи дека организацијата ќе се соочи со „бавна смрт“ доколку Москва остане членка,
ОБСЕ е основан за да ги намали тензиите меѓу Истокот и Западот за време на Студената војна и им помага на своите членови да се координираат за прашања како човековите права и контролата на оружјето.
„Се што прави Русија во ОБСЕ во денешно време ја убива оваа организација“, рече украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на заедничката прес-конференција со претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, пренесува Франс-прес.
– Ситуацијата во ОБСЕ е многу комплицирана, болна, но изборот е многу едноставен – или бавна смрт со Русија или нов живот без неа“, рече Кулеба.
Претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи, изјави дека ОБСЕ ќе продолжи да ја поддржува Украина на нејзиниот пат кон обнова на земјата, пренесува украински „Интерфакс“.
Тој на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, рече дека ОБСЕ ќе продолжи да и помага на Украина да спроведе проекти насочени кон задоволување на специфичните потреби во рамките на важната програма за поддршка на Украина, финансирана од донатори, започната во ноември минатата година. Овие проекти ќе помогнат да се решат последиците од војната, како и да се поддржат долгорочните реформски напори на Украина и потребите на нејзиниот народ, рече Османи, нагласувајќи дека ОБСЕ ќе продолжи да ја поддржува Украина на нејзиниот пат кон закрепнување.
Според Османи, Украина е и ќе остане приоритет за време на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.
Османи, исто така, нагласи дека задолжителен е праведен и долготраен мир.
ОБСЕ нема да отстапи додека не се овозможи народот на Украина да живее и да напредува самостојно, ослободен од стравот од војна и неизвесност, рече Османи.
Украина постојано бараше Русија да биде исклучена од меѓународните организации поради нејзината целосна инвазија, вклучувајќи ги Г20, Советот за безбедност на ОН и сите големи спортски организации.
Русија од друга страна постојано го обвинуваше Западот дека се обидува да ја поткопа и „заграби“ ОБСЕ, тврдејќи дека групата се оддалечила од нејзините основачки принципи.
Организацијата испраќа набљудувачи на конфликти, како и на избори ширум светот.
Од почетокот на војната во Украина, ОБСЕ се соочува со потешкотии ви работата бидејќи Русија ги блокираше сите главни одлуки, кои бараат консензус.
Подготви: Ј. Ѓ.
Поврзано:
(ЕКСКЛУЗИВНО ОД КИЈИВ) Османи: Украина останува во фокусот на вниманието