Премиерот Димитар Ковачевски објави на својот фејсбук-профил дека денеска во Тирана заедно со неговите колеги од Западен Балкан потпишале Договор за признавање на професионалните квалификации на медицинските сестри, ветеринарните хирурзи, акушерките и фармацевтите.
Со овој Договор се поттикнува мобилноста на стручните лица преку усогласување на вештините со потребите на пазарот на труд, истакнувајќи ги целите за промовирање на хармонизација на регулативата и приближување кон правото на Европската Унија.
На овој начин воспоставуваме заеднички правила и процедури за признавање на професионалните квалификации, овозможувајќи мобилност на Западен Балкан, напиша Ковачевски на Фејсбук.
Според него, „договорите во рамки на Берлински процес се голем чекор кон интеграција на заедничкиот регионален пазар, со што ја продлабочуваме нашата економска интеграција. На овој начин ја зајакнуваме регионалната соработка и нашата европска иднина“.